ВОЈО МАНЕВСКИ
Ако човек направи заклучок според информациите што ги добива листајќи низ домашните медиуми, а богами и низ соседските креатори на јавното мислење има шанси да падне во депресија, која му ги зазема мислите и како камен околу нозете го влече кон дното. Еден мој пријател пред неколку дена напиша реалистичка анализа за нивото на омраза на социјалните мрежи. Брилијантно ја сместува целата негативна атмосфера меѓу здравствените проблеми, кои ги лечат докторите од науката која се занимава со душевни проблеми. Ако до мислите на граѓаните на оваа држава секојдневно се натрупуваат информации од типот на катастрофа, криминал, немање на идеја, пропаст, која може да е последицата од таквите негативни информации. Разочараност, гнев, бесперспективност и некои други дефиниции за кои дури ниту струката не може да најде рамки. Целото тоа се истура на социјалните мрежи како нужен отпад, кој не смее да остане во мислите на било кој просечен човек. Затоа е секој против сѐ и сешто и сѐ се мрази без мерка. Колективистичкиот дух на балканските народи тешко се справува со правилата на пазарот. Пазарот функционира врз законите на понуда и побарувачка и е безмилосен. Недоволно изградените механизми за заштита од тој основен закон уште повеќе ја прават состојбата побезмилосна. Се тенчи добрата страна на човечката природа и сила добива инстинктот за преживување.
Знам дека ова размислување не му припаѓа на некој што се обидува да пишува колумни, туку на стотиците научници што во последната деценија напишаа редици научни дела од сите сектори на општественото живеење. Но во студиите не напишаа која е долната граница на идржливост на граѓаните пред да настане неконтролираниот процес на општествени промени, каде е тесна разликата меѓу анархијата и организираното движење на процесите. Изгледа дека тоа е моментот кога поединечното сфаќа дека нема опстанок без општото. Можеш да имаш најнова фабрика, но ако нема кој во неа да работи таа е само обична хала со механички скаламерии. Ако тие што работат не внесуваат надеж во работата дека ќе им донесе можност за пристоен живот, производството ќе биде и слабо и кратко ќе трае. Се учи ли ова во многуте факултети за човечки ресурси и менаџмент?
Ги читам податоците од спроведените пописи во државите од регионов. БИХ има околу два милиони и седумстотини илјади жители, работно способни се околу милион и сто илјади. Хрватска се движи во слични пропорции, а податоците од нашиот попис ќе ги коментираме во текот на оваа година, иако не се очекува подобра слика ниту кај нас. Да ја искористам нивната изрека — дотерали смо цара до дувара.
Зошто сметам дека подолу не се може, туку трендовите ќе бидат подобри? Светските текови ниту можеме да ги смениме, ниту на нив да влијаеме. Значи мора да се прилагодуваме на состојбите. Е тоа, колку и да ни изгледа во овој момент неверојатно, го знаеме. И да не ни е ендемска итроста сепак ја поседуваме. Потребно ни е барем малку верба во себе и во другите. Прво во себе зошто и нема што многу да загубиме, ако вака прифатиме да живееме во слободен пад. И падот е летање, ама се завршува со тешко приземнување, а тоа има лоши последици. Избирајќи меѓу личното и заедничкото го потрошивме заедничкото, сега на ред е она што е лично. Ако нема кој да внесува во Фондот за пензиско осигурување, ќе нема ни пензии. Колку и да сметаме дека сме сигурни со статусот пензионери тоа веќе не е гарантирано. Колку да сме задоволни со сместување на своите во администрацијата и тоа има крај. Постојаното земање кредити за сервисирање на државниот апарат се исцрпи. Задолженоста е над границата од 60%. Кредитите не се подарок, туку товар врз иднината. Дипломите на нашите млади заради кои славиме по неколку дена веќе не се потврда за иднина. Висат тие дома, а младите ни се на ниско платени работни места по белиот свет. Ги бираме „нашите“ за да бидеме нивни, ама толку место за сите свои, нема. Редицата на ваквите констатации му е јасна на секој мој сограѓанин и моево пишување го нервира како кога на пијаниот човек му објаснуваш дека ракијата е штетна. Е, бидејќи работите горе доле така стојат, тогаш не ни останува ништо друго туку да ги менуваме работите, зошто и работите се сменија.
Еве само неколку точки за кои мислам дека се важни. Пандемијата промени многу работи, но во економијата ја забрза структурната промена. Нови гранки се примамливи за инвеститорите. Дел од тоа ќе се случи и кај нас, посебно вложувањата во енергетиката. Големите парични средства што се вбризгаа во економијата ја зголемија инфлацијата и ние си ја увезуваме со секој увоз. Но во нашата држава со децении има пари од сивата зона, од разни незаконски извори, а тие без да се вложат поради инфлацијата се намалуваат во вредност. Слабата правна држава не може да направи филтер и тие полека ќе се легализираат. Ќе бидат вложувани во профитабилни гранки. Никој нема да вложува во трудоинтензивните гранки. Тоа значи дека и овој процес го поминуваме на „суво“, исто како и транзицијата со мали плати и губење на работни места кај работната сила постара од 50, 55 години. Последица на овие процеси е и иселувањето на младите кои се убедени дека овде перспектива нема. Вложувањата во поисплатливата економија е евидентна, кога се гледаат најавите за вложување во енергетскиот сектор. Според владините одлуки за стратешки партнери досега се најавени шест вакви проекти со околу 800 милиони евра инвестиции. Таму се потребни високо квалификувани работници, кои и бараат повисоки плати што ќе прави притисок врз образованието за нивно профилирање и обука. Мал ќе биде бројот на социолози и слични општествени образовни профили.
Субвенциите во земјоделието веќе даваат негативни ефекти, бидејќи не се економска, туку социјална и често политичка мерка. Населението кое се занимава со земјоделие е веќе намалено и не е некоја социјална сила. Затоа сега веројатно ќе имаме инвестиции во земјоделието што ќе значи и поефикасно производство. Отпорот на кој се навикнавме дека треба да се помага на малите земјоделски семејства е намален и тешко дека некој ќе го сопре процесот ка купување државно земјиште и окрупнување на парцелите. И овде ќе бидат потребни стручни кадри кои не работата со мотика, туку применуваат научни методи и современа технологија. И тие мора да бидат платени многу повеќе од досегашните навики на ангажирање „аргати“. Сето ова ќе врши притисок и врз државниот апарат, кој веќе нема простор за ширење, а ако и го има по партиска логика тоа ќе биде на штета на платите и ефикасноста. Се разбира за тоа се плаќа и политичка цена на изборите.
Ова не е некоја моја желба за оптимизам, туку логичен след на процесите кои имаат економска логика. Генерациите кои имаа сфаќање за економија, која е заокружен процес на производство до финален продукт е веќе замината и ги потроши транзицијата. Исто како и поимањето на независноста и самостојноста на државата. Денес тој поим има повеќе политичка содржина отколку реална моќ на самостоен функционален систем кај државите на малите народи. Може да влијае само врз здравствениот и образовниот систем и од нивната функционалност ќе зависи задоволството на граѓаните и резултатите на изборите. Економија, фискални токови, безбедносен систем, сето тоа ќе биде дел од колективните системи како и да се викаат. НАТО, ЕУ, Отворен Балкан или некоја друга асоцијација.
Дали ќе биде подобро? За поголемиот дел од граѓаните тоа е можно. Дали ќе биде поправедно? Правдата е можна само кај рамноправни граѓани, а засега тоа е идеал за кој ќе треба идните генерации дебело да се помачат. Не смеат да ја пропуштат шансата за да не си ја пеат песната од пред половина век која од прилика одеше вака:
„Секое време има свое бреме, ама моето време ме упропасти мене“. А подобро ќе биде зошто полошо и да сака не може.