„Подобро да се лечи отколку да се спречи“, вака коментираат жителите на Шутка кои се вознемирени по тепачката од пред неколку дена во која беа претепани тројца од кои двајца полицајци кои не беа на службена должност, поради наводен обид за киднапирање на деца. Тие велат дека немаше да дојде до инциденти доколку имаше поголемо присуство и ангажираност на полицијата.
Пред да се случи инцидентот, неколку дена жителите беа во паника и стравуваа за своите деца да не бидат киднапирани. Сè започна по лажната вест која се ширеше на социјалните мрежи од фотографија на маж и жена кои беа посочени дека крадат деца. По неколку дена во еден ромски портал имаше сведоштво на една мајка од Шутка која раскажала дека некое возило без регистарски таблички застанало до нејзиното дете и му понуди пари. Но, за среќа тоа го забележал продавачот од една продавница и „киднаперите“ побегнале.
Веднаш таа информација се прошири и жителите се самоорганизираа и патролираа во групи во потрага по киднаперите. Инаку, јавна тајна е дека во изминатите неколку години, во Шуто Оризари редот и мирот го одржуваа(т) приватно обезбедување на СГС. Многу ретко може да се забележи полициска патрола. Жителите велат дека, иако неколку дена цела Шутка беше на нозе, засилени полициски патроли немаше, сѐ додека не се случи инцидентот.
Официјално, полицијата соопшти дека во понеделникот вечерта кај нив било пријавено дека малолетничка, наводно, видела дека непознати лица насилно внеле женско лице во комбе. Набргу се собрала поголема група граѓани и тогаш наишло патничко моторно возило „хјундаи галопер“ во кое се наоѓале А.Р. (34) од Скопје и Ф.К. (24) од Долно Блаце, Скопско.
Уапсени се седум од тепачите и против нив ќе бидат поднесени кривични пријави, а од МВР велат дека се работи на препознавање на уште неколкумина други напаѓачи. Од Основното јавно обвинителство известија дека под истрага се пет лица и за нив е побаран притвор.
По инцидентот се огласи првиот човек на Општината, Курто Дудуш кој ги повика граѓаните на смиреност и да се воздржат од ескалации и да покажат трпение во интерес на успешно спроведување на истражниот процес.
„Граѓаните од општина Шуто Оризари да бидат претпазливи, доколку сметаат дека е потребно да ги придружуваат децата до училиштата/градинките да го направат истото, да не го попречуваат редовното присуство на децата во училиштата/градинките и непречено да ги одвиваат секојдневните активности“, истакна Дудуш.
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски за ЦИВИЛ Медиа изјави дека во Шуто Оризари нема простор за паника и дека жителите може да бидат смирени и спокојни.
„Полициска патрола ќе има како и досега. Жителите не треба да стравуваат, бидејќи полицијата ја гарантира нивната безбедност“, додава Ангеловски.
Како и да е, епилогот е познат. Понатаму останува надлежните органи и институции да преземат мерки за целосно расчистување на случајот и да одговорат на сите сомнежи и неразјаснати прашања на граѓаните и да не дојде повторно до вакви несакани инциденти.
Како и сите деца во светот, така и дечињата во Шутка треба да имаат безгрижно и безбедно детство!
Дехран Муратов