Кина е подготвена да ја зајакне стратешката комуникација и координација со Франција за да поддржи политичко решавање на „украинската криза“ – термин што Кина го користи за да ја опише војната на Русија против Украина, пренесе Укринформ.
Ова го изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји за време на брифингот во Париз, по разговорите со неговиот француски колега Жан-Ноел Баро, објави Укринформ, повикувајќи се на Министерството за надворешни работи на Кина.
„Кина е подготвена да ја зајакне стратешката комуникација и координација со Франција и да игра конструктивна улога во политичкото решавање на жешки прашања како што се украинската криза и Блискиот Исток“, рече Ванг.
Според него, мирното решавање на меѓународните спорови преку дијалог и консултации останува единствениот правилен избор за човештвото.
Ванг нагласи дека Кина и Франција, како постојани членки на Советот за безбедност на ООН, мора да ги почитуваат основните цели на ООН, да одржуваат пријателски билатерални дипломатски односи засновани на независност од надворешно влијание и заеднички да придонесуваат за глобалниот мир, стабилност и развој преку партнерството меѓу Кина и Франција.
Д. Т.