СДСМ има стабилно парламентарно мнозинство и во овој момент е отворена за соработка со сите партии, и со оние од власта и со оние од опозицијата, тврди Александар Кирацовски од СДСМ.
„Имаме отворена врата за соработка кон сите политички партии, дури и кон нашиот опонент. СДСМ во овој момент има стабилно парламентарно мнозинство, но ќе направиме сѐ во иднина она што е во интерес на граѓаните да биде евидентно и да биде споделено“, изјави Кирацовски.
Тој не даде конкретен одговор дали се преговара со ДПА или со Амди Бајрам да станат дел од од владејачкото мнозинство.
„Оставаме слободно кон секој пратеник во Собранието на Република Македонија да се однесува онака како што сака и според сопственото политичко убедување. Ние сме демократска власт, ние не шиканираме и не ги присилуваме пратениците независно од која политичка партија доаѓаат да гласаат за нешто, туку во оној момент кога се гласа оставаме да гласаат онака како што тие реално ценат дека треба да гласаат“, истакна Кирацовски.
За вицепремиерското место за реформи кое и беше понудено на Алијансата на Албанците, коешто лидерот Зијадин Села го отфрли, генералниот секретар вели дека таа позиција во Владата е евидентно потребна. Но, додава дека во иднина ќе се види дали некој ќе го пополни тоа местото.
Кирацовски е оптимист дека ВМРО-ДПМНЕ веднаш после Нова Година ќе се врати во Собранието и заедно со парламентарното мнозинство ќе работат на носење на сите законски прописи за доброто на граѓаните.
Д.М.