Глобалното затоплување продолжува и научните податоци за последните седум години покажуваат дека тие се најтоплите во човековата историја, пренесува Гардијан. Температурата на светско ниво во 2021 година била за 1,2 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа. Ова значи дека климатските промени со несмалено темпо продолжуваат да создаваат екстремни временски услови на Земјината топка, предизвикани од емисиите на стакленички гасови.
Европската климатска агенција „Коперник“ ги објави проценките за рекордните нивоа на јаглерод диоксид и метан во атмосферата, коишто биле достигнати во текот на минатата година. Зголемувањето на ваквите стакленички гасови доведува до затоплување на атмосферата, која што во различни делови од светот предизвикува суша, екстремно високи температури, топење на глечерите или обилни врнежи.
2021 е рангирана како петта најтопла година во човековата историја, додека во атмосферата била создадена топлина како никогаш претходно во мерењата што ги вршат научниците.
Како последица на ова, лани имавме огромни поплави во Германија и Белгија, катастрофални пожари во летниот период на Балканот, Италија и Турција, рекордно високи температури на Сицилија од 48,8 степени, додека во САД и Канада беа забележани топлотни бранови во чии рамки беа срушени температурните рекорди за 5 Целзиусови степени.
„Настаните [екстремните временски услови] во 2021 година се остар потсетник за потребата да го промениме нашето однесување, да преземеме решителни и ефективни чекори кон одржливо општество“, изјави Карло Буонтемпо, директор на климатската служба на ЕУ „Коперник“.
Покрај „Коперник“, кинеската метеоролошка агенција веќе ги објави податоците дека 2021 година била најжешка година во земјата досега, но и дека северниот регион имал највлажна година досега. Обединетото Кралство, Јапонија и САД треба во претстојните недели да ги публикуваат своите податоци за просечните температури во нивните земји што биле достигнати лани.
За да се спречат последиците од глобалното затоплување, лани во ноември во Глазгов се одржа Конференцијата за климатски промени (КОП 26). Речиси 200 земји се согласија на Климатскиот пакт од Глазгов за одржување на 1,5 степени во живот и финализирање на извонредните елементи од Парискиот договор, но државите треба допрва да ги имплементираат мерките на национално ниво за да ги намалат емисиите на стакленички гасови.
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) соопшти дека во декември 2021 година се карактеризира како потопол и просечно влажен месец во споредба со многугодишните просечни вредности воземјава.
Според метеоролошките станици во земјава, 19 дена од месецот било над пет степени во Берово и Прилеп, како и 29 дена во Гевгелија.
-Средната месечна температура варираше од -0,7 степени во Лазарополе до 5,9 во Гевгелија. Споредено со многугодишните (1981-2010) декемвриски средномесечни температурни вредности, годишните (2021) се повисоки за 1,1 степен на ниво на држава. Највисоката максимална температура 17 степени беше измерена на 6 декември во Струмица, додека најниската минимална -13,2 на 23-ти во Берово. Средната максимална температура варираше од 2,3 степени во Лазарополе до 10,5 во Гевгелија, додека средната минимална температура беше од -3,4 во Лазарополе до 1,5 во Гевгелија, наведува УХМР.
Во декември 2021 година месечната сума на врнежи варираше од 38 милимитери во Скопје – Зајчев Рид до 140 во Маврово, согласно конвенционалните мерења.
-Врнежите беа регистрирани на целата територија на државата во текот на првите две декади од месецот во вид на дожд, додека на повисоките планински места беше забележен и снег, замрзнат дожд и лапавица. Максималната дневна сума на врнежи од 43 милиметри беше регистрирана во Берово на 7-ми во месецот. Максимална снежна покривка во Лазарополе од 44 сантиметри беше регистрирана на 11 декември, во Маврово 58 сантиметри беа измерени на 18-ти и на Попова Шапка 96 сантиметри на 12 декември. Споредено со декемвриските многугодишни просечни суми (1981-10), измерените декемвриски (2021) врнежи беа просечни на ниво на државата, информира Управата.
Д.М