Општина Кочани во основниот Буџет имаше планирано 400.000 денари за новогодишно украсување, но со оглед на состојбата со пандемијата која ја зафати цела држава, со ребалансот на Буџетот за 2020 година направиле пренамена на средствата за справување со Ковид-19, вели Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани, на прашањето на ЦИВИЛ – Дали оваа година ќе ја украсите вашата општина за новогодишните празници? Ако не ја украсувате, каде и за што ќе ги пренамените средствата кои ви се предвидени за таа намена?
„На ставката за потрошени материјали во борба со Ковид-19, пренаменивме средства за дезинфекција кои се користат при дезинфекција на сите установи кои се на територија на Општина Кочани, заштитни ракавици, маски и друго. Дел од овие средства дониравме и на Општата болница – Кочани.
Дел од средствата пренаменивме за капитални инвестиции во делот на културата, односно во реконструкција и опремување на Младински Културен Центар, каде претходно направивме целосна реконструкција на фасадата и внатрешните простории.
И покрај пренамената на финансиските средства, украсувањето во Општина Кочани нема да изостане, напротив, со материјалите кои ги имаме набавено од претходните години и кои уредно ги чуваме ќе се обидеме да го украсиме градот, со што сметаме дека позитивно ќе придонесеме во делот на расположението на граѓаните и посетителите на Кочани во време кога сите имаме лични грижи за личното здравје и здравјето на нашите најблиски“, изјави Илијев.
Дехран Муратов