пишува МИЛАН БАНОВ
Едно неодамнешно испитување на јавното мислење кај нас недвосмислено покажа дека во оваа земја малку им се верува на институциите на системот и на политичарите, па оттука некако логично произлезе и податокот за исклучително високиот процент на граѓаните кои потонале во самите себе си и кои довербата ја подаруваат само на своето блиско опкружување – на семејството. Меѓутоа, независно од овој резултат, еден друг податок, се чини, внесува попастелни бои и тонови во евидентното македонско сивило и ја разбива сеприсутната летаргија.
Овдешниот човек, имено, верува во иднината и не го напушта надежта дека еден ден Македонија ќе излезе од својата херметичка затвореност и, не само географски, туку и вистински, ќе се позиционира онаму каде што објективно припаѓа – во современата и цивилизира Европа. И за да бидам до крај прецизен, над осумдесет отсто од македонските граѓани (резултат од сите досегашни сондажи) веруваат во европската перспектива и силно посакуваат да нè огрее европското сонце.
Вкрстувајќи ги овие две расположби, речиси до извесност се доближува претпоставката дека кај македонската популација егзистираат два односа кон актуелниот миг во државата: интерен и екстерен, или попрецизно, за домашна и надворешна употреба. Првиот, се разбира, го препознава незадоволството од состојбите во земјата и секојдневното остро нотирање на сите тие кои, од овие или оние причини, се одговорни за нив. Што се однесува, пак, до вториот однос кон државата и кон сè она низ што таа поминува, значи оној кој го имаме надвор од границите на Македонија, сосем природно, ја изнедрува љубовта кон сопствената земја, лојалноста и патриотизмот. Според тоа, дома можеме и „очи да си извадиме“, но надвор, дури и по цена некои нешта да затскриеме, припадноста напросто ни ја сугерира и ја форсира логиката земјата да си ја претставиме во најдобро светло.
Не знам (или можеби знам) дали набедениот претседател на „најпатриотите“ од ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и неговите поданици (читај: на Никола Груевски) влегуваат во оние помалку од дваесет проценти граѓани кои се против евроинтегрирањето на Македонија. Но, судејќи според нивното непримерно однесување во комуникацијата со странците, кога водени од поривите – злоба, властољубие, суета и омраза кон политичкиот противник – ја кодошат и валкаат сопствената држава, некако сè поприфатлива ми станува идејата дека овој расштимуван дпмне-овски оркестар сака (а веројатно и отсекогаш сакал) да внесе дисонантни тонови во обидите Македонија да се интегрира во ЕУ и НАТО.
Оваа претпоставка ја темелам врз сознанието дека споменатите денунцијанти од „најмакедонската“ партија многу добро знаат каква реакција кај европските официјални претставници може да предизвика и де-факто предизвикува темното боење на приликите во земјата, а кога е тоа така, тогаш веќе може да се зборува дека нивното анационално средство се изедначува со нивната не помалку анационална цел. Впрочем, далеку е од умот дека Мицкоски, независно од скудните знаења и од медиокритетството во кое се удавил, не може барем да предвиди дека неговата поткажувачка и доушничка мисија (пред некој ден повторена и на Самитот на ЕНП во Загреб) како свој резултат може да го има зголемувањето на дистанцата/километражата меѓу Македонија и вратите на Европа. Оттука, веќе не може да биде непознаница дека зелената злоба што Мицкоски ја истура врз сопствената земја добива знак на равенство со неговата желба Македонија да остане таму каде што е – закатанчена во својата осаменост.
Разбирливо е незадоволството, дури и лутината поради обезвластеноста на ВМРО-ДПМНЕ, сомнителниот партиски рејтинг; разбирлив е и различниот (опозициски) поглед врз нештата, немоќта, повредената суета, па и нетрпеливоста кон политичкиот конкурент. Меѓутоа, сепак, сето тоа и низа други помалку и повеќе очигледни причини не се оправдување за недостојната улога што Мицкоски, неговиот газда Груевски и нивните подопашници си ја наметнаа – да се влезе во кодошка активност, во блокада и подривање на процесот за нашето влегување во ЕУ.
И да, веќе нема простор за сомневање, срамната денунцијантска улога на дпмне-овците, нивната пирејска упорност да го докажат недокажливото дека кај нас сè е затруено, чиросано, канцерогено, па според тоа, и сè мора да се сече и разнебитува, ја препознава целта – Македонија надвор од европското семејство. Но, истовремено и темелно го зацврстува сознанието за нивната анационалност и антидржавност.