пишува МИЛАН БАНОВ
Своевремено, по сличен повод (негирањето на нашиот идентитет од официјална Софија) изнесов некои свои согледувања зошто е тоа така, па оттука, не гледам причина да не ги повторам, зашто баш и не гледам дека нешто се сменило во тој поглед.
Значи:
Секогаш кога некој ќе се обиде или и директно ќе се откаже од она што го потврдува неговото постоење, од историјата, јазикот, културата, традицијата, значи од самиот себе, станува јасно дека си имате работа со незадоволник, па и со длабоко несреќен човек, кој, не препознавајќи ги своите вредности и вредностите на својата земја, бара нешто повеќе со што ќе си ја лечи оловно тешката фрустрацијата што го притиснала. И таа состојба на духот, речиси по дефиниција, копа по туѓото, фалсификува, го плагира, сака да му даде свои својства, да го приспособи на некои свои услови и потреби, да го приближи до себе, конечно, да го присвои, односно украде.
Човек не мора да биде навлезен во науката, не мора да знае ниту историја, а тоа сепак да не го спречи да го носи сознанието кој е и од каде потекнува, што бездруго ги прави беспредметни сите натамошни аргументи и „аргументи“ за неговата припадност и идентитет. Навистина, некои би сакале да бидат Французи, Англичани, дури и Бугари (како оној несреќник Антонио Милошоски, кој тоа сега не го признава), но, еве, и ако се успее да се земе такво државјанство, тоа сепак нема да значи дека неговиот корен може да се пронајде на галската земја, на онаа во Гордиот Албион или на некогашната татарска почва.
Македонецот, што е разбирливо, никогаш не сакал да биде Бугарин, па ослободен од таа фрустрација, никогаш не се ни обидел да присвојува нешто оттаму, некои настани или личности кои останале забележани во историјата и во голема мера определиле сознанија за карактерот на една, во светски размери, не многу популарна и прифатлива бугарска политика. На пример, барем јас не се сеќавам, дека сме сакале да ги присвоиме царот Калојан или оној видински кнез Шишман што го опсадил едно од најголемите христијански светилишта, Жича, да го земеме товарот на бугарското учество (заземената страна) во Првата и Втората светска војна или да го присвоиме галатниот подарок на цар Борис за Хитлер, во вид на македонските Евреи кои заминаа неврат во Треблинка. Но, иако не верувам дека бугарската актуелна политика и историја се премногу засрамени од споменатите историски факти, сепак, повеќе од впечаток е дека на таа и таква историја се сака да `и се додаде и нешто светлина, некои позитивно верифицирани историски настани и личности. И тоа, нормално, не би било проблем доколку во тие светли примери се препознае нешто што носи бугарски печат и исто такво потекло. Но, што да се прави, не е така.
Последниот скандал на, благо кажано, скандалозната бугарска политика, оживотворена во Декларацијата на бугарската Влада, зборува за еден континуитет, за стандардно непримерно однесување на нашиот источен сосед кое несомнено може да се оцени и како недобрососедско и недобронамерно. И овој, како и многуте, навистина премногуте случаи од минатото кога официјална Софија, нејзините историчари-фалсификатори и по некој однароден Македонец сакаат да го докажат недокажливото, повторно ме уверува дека, всушност, станува збор за патолошки порив и за една ментална ситуација на која `и треба соодветна помош. Не знам, или ајде да бидам попрецизен, не верувам дека тажниот лик Красимир Каракачанов ќе побара чаре за својата психичка неурамнотеженост, но знам дека и овој пат свое влијание за нерационалното однесување, во медицината познато како „ignava ratio“ (мрзлив ум), има, сега веќе фактот, за незадоволството од самите себеси, од своето потекло, историја, културен и цивилизациски бекграунд. Меѓутоа, иако се разбира, сочувствувам со нив и некако ми е жал за нивната неможност да досегнат повеќе од тоа што се, сепак, објективно, ниту јас ниту кој било на овој свет може да им помогне и да ги направи Македонци. А, верувам, толку би сакале: оној Асен Коломан да го заменат со цар Самоил, Гарванов со Сандански или некој лик од времето на фашистичка Бугарија со овдешен борец од НОБ, вклучен во антифашистичката борба многу, многу порано „след 9 септември 1944 година“.
Колку и тоа да ги фрустрира и да ги прави несреќни – Бугарите не се и не можат да бидат Македонци. И тука нема помош, независно колку некои тамошни кругови (за жал, и официјална) ќе фалсификуваат, ќе се обидуваат да ја крадат историјата на груб и десперадоски начин, да условуваат и уценуваат, да ја покажуваат својата недобронамерност… Не можат зашто, всушност, сè е сведено на едноставност, на историско паметење, на културни, јазички, традиционални и цивилизациски придобивки, на очебијни разлики кои не може да ги претопи во истоветно некој краткотраен Санстефански договор, некој сон што вечно трае. Затоа, драги комшии, бидете си тоа што сте и од каде сте, можеби и таму може да се пронајдат светли примери од историјата.