oд корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Преспанскиот предизборно го вергла како расипана грамофонска плоча. Ќе го менувал, ќе го прекројувал, ќе го укинувал.
Но тој ова веќе не го зборува само пред малубројни свои поддржувачи или на голем партиски митинг, сеедно, туку еве, го поттурна и преку влијателната радио и тв станица Дојче Веле. Државен, но традиционално објективен, влијателен и цитиран глобален европски и светски медиум. Преку еден ваков информативен калибар каков што е оваа информативна куќа, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ веќе не само по дома, туку и во светот, ја праќа пораката дека доколку на претстојните избори освоел осумдесет пратеници и доколку во новиот парламент обезбедел Бадинтерово мнозинство, ќе го прекројувал Преспанскиот договор. Не умри магаре за зелена трева.
Кажано најпросто, човекот блефира. Ги вози и своето членство и своите потенцијални гласачи. Ветува нешто во што и самиот не верува зашто многу добро знае дека е тоа неостварливо, неизводливо, неможно. Неговите приказни се убави за нечии уши овде кај нас, предизборно. Но така да се зборува и за влијателни странски медиуми и преку нив да се испраќаат вакви пораки до Алијансата и до Унијата, во најмала рака е недипломатски, неумесно, незрело, дилетантски.
За германскиот медиум Мицковски вели дека доколку би имал осумдесет пратеници и Бадинтерово мнозинство, ќе го менувал Преспанскиот. Симпатична претпоставка и убава желба. Ама би било елементарно фер барем тука да запре зашто тој не е било кој. Тој уште е првиот човек на моќната политичка партија која претендира да го преземе кормилото на државата. Тврдењата на Мицкоски за гласот на Германија, за радио телевизијата Дојче Веле дека кога ќе дошол тој на власт ќе го прекројувал договорот со јужниот сосед, не е обична политичка флоскула.
Ниту е тоа само предизборно пафтосување на своето членство, на партиските симпатизери и на потенцијалните гласачи. Туку е тоа непристојно манипулирање со емоциите на луѓето. Со чувствата на Македонците посебно. Со граѓаните кои, разбирливо, договорот со јужниот сосед го доживеаја и сѐ уште го доживуваат премногу трауматично и премногу емотивно.
Посебно што на Христијан Мицкоси му е кристално јасно дека сега или по изборите сеедно, со каква и со колкава политичка сила и да располага, во Преспанскиот не ќе може ниту запирка да промени. Ова дури и во некакви претпоставени околности во кои би ги добил и посакуваните осумдесет пратеници и Бадинтеровото мнозинство.
Со ваквата манипулативна кампања, ќе ги добие. Како што вели и народната, кога врбата ќе роди грозје.