Доколку Македонија го одржи реформскиот напредок до јуни 2019 година, ќе се отвори патот за старт на преговори со Европската унија.
Дел од условите потребни за отпочнување на преговорите за членство на земјата во Унијата се итните реформски приоритето како реформата на јавната администрација, борбата против корупцијата, судските реформи и реформите на разузнавачките служби.
Според МИА, во јуни 2019, доколку е задржан реформскиот момент во Македонија, многу брзо потоа ќе се свика првата меѓувладина конференција на која фактички ќе започнат преговорите.
Во меѓувреме Европската Комисија изрази желба да започне со подготовките за преговори, нешто што Советот на ЕУ го прифаќа.
Еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека „од утре“ Комисијата ќе започне со процесот на скрининг во областа на владеењето на правото. Скринингот е технички процес во кој се оценува капацитетот на државата кандидат за отворање на одредено поглавје. Поглавјето за владеењето на правото мора прво да се отвори и последно да се затвори за да се обезбеди дека реформите во оваа област се трајни и одржливи.
Франција и Холандија одбиваа секаков датум за преговори за Македонија, бидејќи сметаат дека реформскиот напредок е премногу свеж и сѐ уште не дал трајни резултати.
По напорни дискусии со другите земји членки пронајден е компромис сепак да биде внесен датум, но под гореспоменатите услови.
Слично условување доби и Албанија, која исто така би можела да ги започне преговорите пред крајот на 2019.
К. С.