Пред точно 31 година, на 3 октомври 1995 година, експлозија од автомобил-бомба во центарот на Скопје го потресе политичкиот живот на тогаш младата независна држава. Цел на нападот беше Киро Глигоров, првиот претседател на независна Република Македонија. Тој го преживеа атентатот, но и по повеќе од три децении не се познати ниту извршителите ниту организаторите на нападот, а случајот формално останува отворен.
Околу 9:50 часот, додека претседателската колона се движела по улицата „Македонија“ кон Собранието, во близина на хотелот „Бристол“ била активирана експлозивна направа поставена во паркиран автомобил. Според податоците од истрагата, биле употребени околу 20 килограми експлозив активиран од далечина. Глигоров претрпел тешки повреди на главата и окото.


ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Атентатот се случи во исклучително чувствителен период од поновата историја на земјата. Независноста беше прогласена само четири години претходно, државата сè уште го зацврстуваше своето меѓународно место, а само дваесетина дена пред нападот, на 13 септември 1995 година, во Њујорк беше потпишана Времената спогодба со Грција.
Следуваше една од најобемните истраги во земјата. Биле проверени повеќе од 30.000 возила и 15.000 објекти, а биле извршени и илјадници проверки и разговори. Сепак, истрагата не доведе до обвинение. Низ годините во јавноста се појавуваа различни теории за можните мотиви и организатори, но ниту една не доби судска потврда.
По неколкумесечно лекување, Глигоров на 10 јануари 1996 година се врати на претседателската функција и го заврши својот втор мандат во 1999 година.
Триесет и една година подоцна, атентатот останува една од најголемите неразрешени енигми во поновата политичка историја на Северна Македонија.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












