Дехран Муратов
Снимањето на спотот „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони (Don Xhoni – Xhonatan Isufi), во јули 2026 година (со 4,5 милиони прегледи за три месеци), во кој има неколку секвенци снимени во Македониумот во Крушево, предизвика политичка и јавна бура, силно зачинета со национализам и говор на омраза. Просторот бил отстапен за околу 500 евра, по одлука на Управниот одбор на Историскиот музеј во Крушево.
Реакцијата беше брза. Премиерот Христијан Мицкоски побара разрешување на директорот и членовите на Управниот одбор, а директорот Миха Оџаклиески потоа експресно поднесе неотповиклива оставка, образложувајќи ја како личен, морален и етички чин.
Но тука се отвора едно непријатно прашање: Каде беше истата загриженост порано? Бидеќи Дон Џони не е првиот музичар што го користел Македониумот како локација.
Во 2017 година, словенечката музичарка Катарина Решек го сними спотот „Crne oči“ во Македониумот.
Во 2020 година, Македониумот се појавува и во музичкиот видеозапис „Trippin“ на Temkina aka Katerinha.
Во 2024 година, Марија Стојческа го сними видеозаписот за „Заветна“, со кадри од Македониумот.
А во 2025 година, Некст Тајм снимија цел музички проект „Македониум“ во споменикот, меѓу другото и изведбата на „Нема друга Македонија“.
Тогаш немаше ваква политичка бура. Немаше барања за оставки. Немаше најави за разрешувања. Сега, со Дон Џони, Македониумот одеднаш стана прашање на национална одговорност.
Што се промени – Македониумот или музичарот?
Секако дека треба да се постави прашањето дали ваков меморијален објект треба да се користи за комерцијални музички продукции. Треба да се знае кој одлучува, по кои критериуми и за каков надомест.
Но ако проблемот се правилата, тогаш тие мора да важат за сите.
Ако Македониумот не смее да биде сценографија за еден музички спот, тогаш не треба да биде за никого. Ако, пак, е дозволено снимање во него, тогаш критериумите мора да бидат јасни и еднакви. Институционалната одговорност е кај оние што одлучуваат кому, за што и под кои услови ќе го отстапат објектот.
Затоа ова не треба да биде само приказна за еден рапер. Треба да биде приказна за тоа дали истите правила важат за сите.
Како што е случајот и во белиот свет. Доволни се само примерите со Beyoncé со спотот APESHIT (296 милиони прегледи) снимен во Лувр и — уште подобра илустрација — спотот „Ateo“ (68 милиони прегледи) од C. Tangana и Nathy Peluso снимен во катедралата во Толедо, Шпанија.
Зашто, националното наследство не се брани само кога еден спот ќе стане вирален. Се брани со јасни правила, професионални институции и еднакви критериуми.
Инаку, наместо заштита на Македониумот, добиваме нешто друго: селективен патриотизам или — едноставно — национализам.
А прашањето останува: Ако Кукла, Katerinha, Марија Стојческа и Некст Тајм можеа да снимаат во Македониумот — зошто Дон Џони стана причина за оставки, разрешувања и бранови политички и јавен линч?
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.













