ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
По вториот круг на Локалните избори 2021, ги анализираме гласовите во 11 поголеми општини во Македонија, односно оние каде што излегоа да гласаат над 15 илјади избирачи, како и гласовите во уште 10 поголеми општини, каде што градоначалник беше избран во првиот круг.
Квантитативната анализа на резултатите во поголемите општини покажува дека кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ победија во 12 од 21 поголема општина каде што излегоа над 15 илјади гласачи.
Поголеми општини во втор круг
1) Во вториот круг во Битола, каде гласаа 48.702 избирачи, победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Тони Коњановски со 50.73% од гласовите, обезбедувајќи повеќе од 5 илјади нови гласови во споредба со првиот круг, и зголемувајќи ја предноста во однос на противкандидатот.
2) Во вториот круг во Куманово, каде што гласаа 46.273 избирачи, победа извојува независниот кандидат Максим Димитриевски со 55.30% од гласовите, односно со над 6 илјади гласови разлика во однос на неговиот противкандидат од СДСМ, иако во првиот круг водеше со само 22 гласа. Очигледно, голем дел од гласовите на кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ и АА/А се прелеале кај Димитриевски, кој во првиот мандат беше кандидиран од СДСМ, а во оваа изборна трка влезе како независен кандидат.
3) Во вториот круг во Тетово, каде гласаа 39.371 избирачи, победи кандидатот Биљал Касами од БЕСА со 54.84% од гласовите – 21.591, дуплирајќи ги гласовите освоени во првиот круг. Иако Теута Арифи од ДУИ, која водеше во првиот круг, успеа да обезбеди околу 5.400 гласови повеќе, Касами победи убедливо со над 5 илјади гласови разлика, благодарение на поддршката на АА/А и дополнителна политичка поддршка.
4) Во вториот круг во Гостивар, каде што гласаа 32.365 избирачи, убедливо победи кандидатот на АА/А Арбен Таравари со 57.73% од гласовите. Таравари освои речиси 3 илјади нови гласови во вториот круг и ја дуплираше предноста во однос на противкандидатот од ДУИ Невзат Бејта, кој пак освои помалку гласови од првиот круг.
5) Во вториот круг во Охрид, каде што гласаа 31.122 избирачи, победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Пецаков со 54.60% од гласовите. И тој речиси ја дуплираше предноста од првиот круг.
6) Во вториот круг во Карпош, каде гласаа 29.963 избирачи, победи кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски со 49.61% односно 14.864 гласови, иако во првиот круг беше втор со 6.841 гласови. Може да се претпостави дека Јакимовски доби над 8 илјади повеќе гласови во вториот круг благодарение на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ чиј кандидат освои 6.560 во првиот круг, но делумно и на Левица, чиј кандидат освои 3.679 гласови во првиот круг.
7) Во вториот круг во Чаир, каде што гласаа 26.502 избирачи, победи кандидатот на ДУИ Висар Ганиу со освоени 55.19% од гласовите – 14.626, или над 4 илјади гласови предност во однос на кандидатот на АА/А Беким Сали.
8) Во вториот круг во Струга, каде што гласаа 26.430 избирачи, победи кандидатот на ДУИ Рамиз Мерко со 52.07% од гласовите, зголемувајќи ја предноста од првиот круг, која овој пат изнесува над 2 илјади гласови.
9) Во вториот круг во Кичево, каде што гласаа 24.414 избирачи, со над 2 илјади разлика победи кандидатот на ДУИ Фатмир Дехари, кој беше инаку второпласиран во првиот круг. Иако имаше најави и шпекулации во јавноста дека „ВНУКОТ НА АХМЕТИ ЌЕ ГО ПОДДРЖИ КАНДИДАТОТ НА ВМРО-ДПМНЕ“, мнозинството од гласовите на независниот кандидат од првиот круг (4.527 гласови), очигледно отидоа на контото на кандидатот на ДУИ Фатмир Дехари.
10) Во вториот круг во Центар, каде што гласаа 23.100 избирачи, победи кандидатот на СДСМ Горан Герасимовски, кој освои речиси 3 илјади гласови повеќе од првиот круг, или 51.88% од гласовите. СДСМ победи во Центар и покрај отворената поддршка од Левица за ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг, која резултираше со 2.700 гласови повеќе за Наташа Котлар (Левица во Центар освои околу 2.800 гласови на советничката листа во првиот круг).
11) Во вториот круг во Кочани, каде гласале 18.009 избирачи, победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Папазов, со освоени 48.29% од гласовите, или со разлика од само 16 гласови, иако кандидатот на СДСМ Николчо Илијев водеше во првиот круг со 603 гласа.
Поголеми општини кои добија градоначалници во прв круг
Ова се поголемите општини со над 15 илјади излезени гласачи во првиот круг на 17.10.2021, каде беа избрани градоначалници со над 50% поддршка од гласачите:
1) Во Прилеп во првиот круг, излегоа 40.472 избирачи, а победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Борче Јовчески со 54.84% и над 7.500 гласови разлика во однос на кандидатот на СДСМ, Горан Сугарески.
2) Во Аеродром во првиот круг, каде што излегоа 34.215 избирачи, победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски со 55.11% од гласовите и околу 8.900 гласови разлика во однос на кандидатот на СДСМ.
3) Во Гази Баба во првиот круг, излегоа 29.893 избирачи, а победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Бобан Стефковски, освојувајќи 59.91% од гласовите – со што оствари 9.100 гласови разлика во однос на кандидатот на СДСМ.
4) Во Кисела Вода во првиот круг, каде што излегоа 28.071 избирачи, победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски со 52.34% од гласовите, или со точно 7 илјади разлика во однос на кандидатот на СДСМ.
5) Во Струмица во првиот круг, излегоа 25.625 избирачи, а победи кандидатот на СДСМ Костадин Костадинов, со 53.70% од гласовите, или предност околу 3.500 гласови во однос на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
6) Во Штип во првиот круг, каде што излегоа 24.188 избирачи, победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Иван Јорданов со 54.18% од гласовите.
7) Во Велес во првиот круг, излегоа 23.963 избирачи, а победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Марко Колев со освоени 51.76% од гласовите.
8) Во Кавадарци во првиот круг, каде што излегоа 20.985 избирачи, убедливо победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Митко Јанчев со 72.35% од гласовите или над 10.500 гласови разлика во однос на кандидатот на СДСМ.
9) Во Ѓорче Петров во првиот круг излегоа 19.466 избирачи, а победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Стојкоски со 50.24% од гласовите и предност со околу 3.200 разлика во однос на кандидатот на СДСМ.
10) Во Бутел во првиот круг, каде што излегоа 17.073 избирачи, победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Дарко Костовски со 52.79% од гласовите и околу 2.200 гласови разлика во однос на противкандидатот од СДСМ.
Заклучоци од квантитативната анализа во поголемите општини
Од квантитативната анализа за тоа кој победи во поголемите општини во Македонија, може да се извлечат следните заклучоци:
- Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ победија во 12 општини каде што излегоа над 15 илјади гласачи (3 во втор круг, 9 во прв круг).
- Кандидатите на ДУИ победија во 3 поголеми општини (сите во втор круг).
- Кандидатите на СДСМ победија во 2 поголеми општини (една во прв круг, една во втор круг).
- Во по една поголема општина победија кандидатите на АА/А, БЕСА и ГРОМ (сите во втор круг) и независниот кандидат Максим Димитриевски, кој победи во вториот круг во Куманово.
- Независна кандидатка, со поддршка на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ-АА/А, но и Левица, победи во вториот круг и во Град Скопје (видете ја посебната анализа Што покажуваат резултатите на локалните избори во Скопје?).