МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Во Русија е затворена најстарата невладина организација за човекови права “Меморијал“. Турција забрани активност на 370 невладини организации. Унгарија ќе прави чистка во сите организации финансирани од Џорџ Сорос. Во Никарагва забранета работата на уште 15 невладини организации. ЛЕВИЦА УСПЕА ДА ЈА ТРГНЕ ХЕРА ОД КАРПОШ. Стоп операција Сорос излезе со нови информации за средствата на фондацијата.
Кому му пречат граѓанските организации?
Ајде да повториме некои познати работи.
Невладините, здруженијата на граѓани, граѓанските организации, или како и да ги наречеме се групи граѓани кои формално (со регистрација согласно законите) или неформално (како едноставно собирање) се здружиле затоа што споделуваат некои заеднички интереси, потреби, идеи. Овие здружувања дејствуваат независно од државата (не се дел од било кое ниво на власт или било која државна структура и немаат за цел освојување на власта) и не се дел од пазарот (немаат за цел остварување профит).
Работите околу кои ќе се здружи група граѓани можат да бидат најразлични. Многу крупни кои засегаат голем број луѓе, и многу мали кои засегаат мал број луѓе. Може да бидат апсурдни, бизарни, смешни, чудни, интересни, досадни …
Луѓето може да се здружуваат за да ја спасат планетата од климатските промени или да се здружат за да спасат едно дрво во село Сандево да не биде исечено. Може да се залагаат за остварување на слободата на изразување во државата или да образуваат клуб на читатели на книгите на Сергеј Луканенко или Реј Бредбери. Може да се собираат за протести против некоја владејачка структура или пак да организираат следење на појавувањето на неидентификувани летечки објекти.
Што нудат формалните и неформални здружувања на граѓаните?
Нудат: алтернативност, плуралитет, флексибилност, нееднозначност, инвентивност, нови стандарди, нови можности… Тие се бават со прашања со кои државата/партиите не се бават, затоа што ги сметаат за неважни, затоа што може да им бидат штетни на идните избори, кои се контроверзни или пак едноставно не ги разбираат.
Посебниот начин на здружување и делување надвор од државните структури подразбира помалку бирократија, поголема слобода за различните мислења, отворен разговор на ниво на бура на идеи, можност голем дел од луѓето да ги артикулираат проблемите и интересите.
Граѓанските здружувања овозможуваат брза акција, овозможуваат да се слушне гласот на граѓаните во процесите на одлучување.
Државата која претендира да биде демократска ИМА ПОТРЕБА од здружувањето на граѓаните.
Здружувањето овозможува мобилизација на луѓето околу одредени прашања кои се од интерес за потесната или пошироката заедница. Ѝ овозможува на власта, онаа вистински демократската, да го слушне мислењето на граѓаните за најразлични работи, да отвори широка дискусија, да провери некои свои ставови, политики и активност и ако треба да ги промени или запре.
Здружените граѓани полесно учествуваат во процесите на одлучување, овозможуваат полесна имплементација на законските решенија и се добра алатка за дисеминирање на одредени вредности.
Здружените граѓани ја контролираат и ја дисциплинираат демократската држава.
Државата во која граѓаните слободно се здружуваат и имаат можност да учествуваат во процесите на одлучување може многу полесно и посигурно да ги идентификува и задоволи интересите и потребите на граѓаните. Преку нивните формални и неформални здружувања може да ги мотивира за акција, и може да добие моќен партнер во пополнувањето на празнините во задоволувањето на потребите и интересите на граѓаните, остварувањето на правото на избор, и почитувањето на различноста.
Кој и како може да атакува врз граѓанскиот сектор?
Вообичаено, барања за затворање на граѓански здруженија и нивно ограничување (надвор од законските ограничувања кои произлегуваат од заштитата на вредностите на една демократска држава дадени во меѓународните договори и соодветната законска регулатива) поставуваат оние кои не ги интересираат реалните интереси и потреби на граѓаните, кои преферираат пасивни граѓани кои ги исполнуваат директивите на власта/партиите, не сакаат плурализам и различност, не препознаваат потреба од алтернативност на решенијата и се плашат од контрола. Или самите доаѓаат од редовите на квази-здруженија, односно лажни здруженија, вообичаено испостави на некоја политичка, антиграѓанска партија.
Посуптилен (но не и помалку погубен) начин на уништување на автентичните здруженија и здружувања на граѓаните е нивното ставање под капата на една партија, асимилацијата во државата, поткупувањето од страна на партиските и државни моќници, и претворањето на овие здруженија во приврзок на власта кој во секој момент може да биде откачен доколку не постапува согласно барањата на власта.
Во секој случај, атакот врз здруженијата на граѓаните вообичаено зборува за тоталитарност и едноумие, а не за демократичност, прифаќање, поддршка и заштита на различноста.