Categories

ПРОЦЕДУРА Колку личните податоци на граѓаните ќе бидат заштитени со Централниот регистар на население

Предлог-законот за Централен регистар на населението е уште во собраниска процедура и се очекува да биде изгласан со двотретинско мнозинство. Ваквите очекувања се можеби во насока и на олеснувањето во ажурирањето на Избирачкиот список.

Во неколку наврати и претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, нагласи дека регистарот ќе биде олеснителна околност за надминување на нерегуларностите што се јавуваат во истиот.

Регистарот на население не подразбира и не се поврзува со пописот.  Како владин проект беше најавен уште во 2017, а подносител на предлог-закон е Министерството за информатичко општество и администрација.

Целта на овој закон е обезбедување на пристап до податоците за населението со што ќе се утврди унифицирана и единствен начин на водење на поединечните бази на податоци, врз основа на утврдени стандарди  и процедури. Во базата ќе се преземаат податоци од повеќе институции и преку алгоритми ќе се проверува колкава е точноста на тие податоци, со што добиениот податок за конкретно лице ќе може да се гарантира дека е вистинит и точен.

Податоците содржани во Регистарот се лични податоци што ќе бидат достапни на надлежните органи и другите субјекти определени со овој закон и истите се користат согласно условите утврдени со овој закон и прописите од областа на заштитата на личните податоци.

Токму за заштита на податоците зборуваше Џабир Дерала од ЦИВИЛ, во изјава за Алсат-М, потенцирајќи дека колку и да добар самиот регистар, мора многу да се внимава како граѓаните ќе бидат заштитени од злоупотреба на нивните лични податоци.

„Она што ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, во контекст на овој закон може да го истакне е дека мора да се внимава а заштита на личните податоци на граѓаните. Мора да биде во хармонија со самиот Закон за заштита на личните податоци и да се предвидат одредени мерки и стандарди, за кои претпоставувам дека во подзаконските акти ќе се регулира… Добро е да се централизираат податоците, но мора да се знае како точно тоа ќе се одвива за да може граѓанките и граѓаните бидат заштитени“, изјави Дерала.

Тој додаде дека во ред е да се направи нешто да се сузбие криминалот, но доколку се внимава да не се повредат човековите права и слободи на граѓанките и граѓаните.

Се предлага Регистарот да ги содржи следните податоци на граѓаните: име и презиме,  ЕМБГ, пол,Датум на раѓања, место на раѓање, Лични документи, матични броеви на родителите, адреса на живеалиште, адреса на привремен престој, државјанство, брачен статус, податоци доколку граѓанинот е починат.

Биљана Јордановска

Print Friendly, PDF & Email