Министерството за надворешни работи на Република Македонија и Австриската амбасада во Скопје по повод Меѓународниот ден во сеќавање на Холокаустот ќе одржат комеморативна церемонија, утре, 27 јануари, во Македонската филхармонија (мала сала) со почеток во 18:30 часот.
По отворањето на церемонијата со оддавање почит на жртвите на Холокаустот, воведни обраќања ќе имаат министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров и Берта Романо – Николиќ, претседател на Еврејската заедница во Македонија.
На настанот ќе говорат и Амбасадорот Томас Мајкл Бајер, специјален претставник на Австрија во Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот –ИХРА и Амбасадорот на Италија во Република Македонија, Карло Ромео, во име на тековното италијанско претседателство во ИХРА.
На крајот пред присутните ќе настапи ансамблот Тимна Брауер и Елиас Меири (клавир и гитара) од Виена со „Песни од Ерусалим“.
Генералното собрание на Обединетите Нации пред 12 години одлучи да им се оддава почит на жртвите на Холокаустот на 27 јануари, датумот кога во 1945 година беше ослободен концлогорот Аушвиц.
Б. Ј.