На јавниот настан на ЦИВИЛ во кој се презентираше Финалниот извештај, анализи и препораки што произлегуваат од изборниот мониторинг на ЦИВИЛ „Локални избори 2021: Научени лекции“, членот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко истакна дека не се согласува со формулацијата „нефункционирање“ на фингерпринт апаратите, бидејќи од 3.480 избирачки места, само во 6 избирачки места не работеа фингерпринт апаратите поради технички причини.
„Амбасадорката на ОДИХР во извештајот изнесе дека гласањето се одвиваше глатко, така што сметам дека немаше никаков проблем при гласањето со употреба на фингерпринт апаратите. Ако не беа функционални во првиот круг, тогаш ќе немавме резултати и немаше да се одржи вториот круг“, истакна Кондарко.
Тој делумно се согласува со тоа што во публикацијата на ЦИВИЛ „Локални избори: Научени лекции“ пишува за „неподготвеноста на изборната администрација“, додавајќи дека токму ДИК спроведе неколку интерактивни обуки до 30 лица од страна на нивните 120 сертифицирани обучувачи.
Кондарко се заблагодари на Државната изборна комисија, изборната администрација и изборните органи за успешно спроведените Локални избори 2021.
Публикацијата „Локални избори: Научени лекции“ во која се објавени извештаи, анализи, коментари и препораки на ЦИВИЛ, што произлегуваат од долгорочниот и краткорочниот мониторинг на политичките и изборните процеси, сега е достапна и онлајн. Публикацијата е на сто страници и е само прва од четирите кои се однесуваат на спроведувањето на Локалните избори 2021.
Обработка на текст: Дехран Муратов
Камера: Атанас Петровски
Реализација и монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Горан Наумовски












