Прва стручна конференција на тема „Аугментативна и алтернативна комуникација“ ќе се одржи денеска во Скопје по повод Европскиот ден на логопедијата – 6 март.
Конференцијата е во организација на Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје и Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас – Битола, а во соработка на Сојузот на дефектолози на Република Македонија.
На конференцијата покрај актуелната тема, како што велат организаторите, ќе се дискутира и за состојбите во логопедската дејност во Македонија.
Во 2004 година Европската асоцијација на логопедите го означила 6 март како ден на говорно-јазичната терапија, односно како ден на логопедите, со цел подигање на свесноста за логопедската професија, како и подигање на јавната свест за нарушувањата во комуникацијата, нивните ефекти врз човековото здравје, правата на пациентите со нарушување во комуникацијата и начините како да им се помогне.
Одбележувањето на Европскиот ден на логопедите им овозможува да покажат дека логопедите низ цела Европа имаат заедничка цел и дека работат заедно за да направат динамично влијание врз промовирањето на здравјето и благосостојбата кај децата и возрасните со нарушувања во комуникацијата.
Европската асоцијација на логопедите порачува дека превенцијата на нарушувањата во комуникацијата може да се постигне само со размена на знаења и искуства помеѓу логопедите ширум Европа.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.