• Latest

КОРИДОРИ: Експресните возови и црвениот сигнал на неефикасноста

June 2, 2025

24 ЧАСА: „Никогаш Северна“ спласна – 7 години Преспански; На журка кај Баздникин – Стоиљковиќ и МПЦ-ОА дел од „рускиот свет“; Убиени над 50 Палестинци кои чекаа храна

June 17, 2025
Фото: Скриншот од видео на Hindustan Times

Ердоган: Израел го загрозува своето постоење со секоја крв што ја пролева и со секое злосторство против човештвото што го извршува

June 17, 2025
Џабир Дерала (фото: Рилинд Сулејмани)

Кога премиерот те тужи, тоа не е лична пресметка, туку политички притисок!

June 17, 2025
Фото: Фејсбук на др. Ненад Лазаров

Студентите во блокадата поднесоа кривична пријава против Вучиќ за посетата на повредените од Кочани

June 17, 2025

ДУИ: Од регионална ѕвезда до фактор на изолација – 7 години од Преспанскиот договор

June 17, 2025
Фото: МВР

РЕАКЦИИ: Огромно НЕ на министерот Тошковски, граѓаните веруват дека стапката на криминал не е намалена, напротив, таа е зголемена

June 17, 2025
Зоран Заев и Алексис Ципрас за време на потпишувањето на Преспанскиот договор во Нивици

Преспанскиот договор, седум години подоцна: Од дипломатски триумф до ризик од враќање наназад

June 17, 2025

Градското собрание на Лос Анџелес осветлено во боите на македонското знаме во сеќавање на жртвите од трагедијата во Кочани

June 17, 2025
прашање на денот преспа

ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: 7 години Преспански – кои се придобивките?

June 17, 2025
Ерол Ризаов

Моралната одговорност не се мери на избори

June 17, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home АНАЛИЗИ

КОРИДОРИ: Експресните возови и црвениот сигнал на неефикасноста

Со секоја наредна година опаѓа моќта на ова општество, одговорните субјекти да се соочат со проекти кои бараат фараонска мотивација. Впрочем, ние сме дел од систем што со месеци не може да поправи едно селско мовче на најфреквентната постојна пруга. Оваа власт е магнетски привлечена од парите што може да дојдат, а не од мотивацијата за крајниот производ на проектите што треба да се почнат но и – завршат.

June 2, 2025 11:51
in АНАЛИЗИ, ЕКОНОМИЈА, ПОЛИТИКА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Share on FacebookShare on Twitter

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Највидлива вест овие денови, а веројатно и меѓу најчесто споменуваната и за нашите внуци и можеби правнуци ќе биде Стратешкиот договор за соработка на земјава со Велика Британија. Нема сомнение дека со неа паралелно ќе и оди и сликата на некаков супер експресен воз кој ита од Скопје за Солун што со себе ги носи патниците, желни за песочните плажи на Егејот. Ќе има во таа слика, дури и сега, кога се говори во идно време, некаков стар копнеж, каков што знаеја да го доловат некои не малку писатели од ДПМ, опишувајќи го ликот на преправениот Гоце Делчев како го мами турскиот офицер, седнат спроти него во купето, додека возот минува низ Солунското поле.

Па да, возот кој сообраќа од почетокот на Виа Игнација во Солун (мислам дека таму е железничката станица и сега) стигнал до пероните во Скопје  во 1873 година, а доста време потоа Делчев, опишуван како божемен трговец, можел да се качи во воз во Гевгелија кој 50-те километри до морето ги минувал практично цел ден. Многу време за муабет и разоткривања на идентитетите.

Кој спомена Данајски подарок?

Да се вратиме на сегашноста. Кога владините функционери деновиве говорат за потпишаниот договор со Британија кој треба во нашите трезори да донесе позајмици од 6 милијарди евра или во исто време долгот кој на крајот ќе чини над 13 милијарди евра, прво ја споменуваат пругата кон споменатиот Солун како волшебна реченица која треба да ги отстрани сите сомнежи од можниот Данајски подарок, што како квалификација за тој акт го изнесува не само опозицијата, туку и стручната јавност. Праговите кои водат кон југот би требале да бидат започнати со градба веројатно за две години и од брзината на градбата зависи можноста таа пруга да донесе и некаков прв бенефит дури после многу години. Колку, не се знае (официјално се говори за пет години) а подобро е и да не се кажува, да не згасне почетниот ентузијазам за британските позајмици дури и кај големите приврзаници на владината економска политика.

КОЛКУ ЌЕ ЧЕКААТ ПАТНИЦИТЕ А КОЛКУ ВОЗОВИТЕ Возовите на иднината се многу далеку од сегашна перспектива

Најпрвин, таа пруга, нели, од Коридорот 10, треба да тргне од очајната ситуација која ја имаме последните децении, практично од распадот на федерацијата кога железничкиот сообраќај, ако така може да се каже – се инвалидизира, губејќи значаен дел од патниците и стоките што се превезуваат а со тоа и својата рентабилност. Лека-полека дојдовме во ситуација цели деленици речиси да не се користат (Кичево-Скопје, Велес-Кочани), да се исфрлаат заради нерентабилност, а лани целата МЖ, остана само со само две локомотиви, што го откри еден од многуте штрајкувачки одбори  во т.н. Ложилница. Соседите од Србија ни позајмија четири колку да се одвива барем товарниот сообраќај до Солун и за нивни потреби, а велат дека две од нив веднаш се расипале, бидејќи ние со позајмувачите сме едноставно поврзани садови.

Немаме настрешница, за среќа, како онаа на станицата во Нови Сад, но имаме други проблеми – мостови што се ставени вон употреба па коридорот, сегашниов, е повеќе во аут отколку во функција.

ВОЗИ И ВНИМАВАЈ ДА НЕ ПАДНЕШ ВО ЦРНА И после две поправки по мостот оди воз со брзина од 20 километри на час

Само за потсетување, мостот на Црна кај Стоби два пати е за последните години неупотреблив и саниран е во долги постапки, што траеле со месеци. Каква штети се тоа за муштериите! И по него, божем саниран и сега се вози со 20 километри на час. Ајде да е само тој проблем – и мостот на Маркова река, оној после Лисиче, неодамна е тешко оштетен и тој не е веќе во функција 40 дена (дозволена е асоцијација во однос на сите церемонии како за покојници); возовите за среќа имаат еден кружен пат кон Велес кој додава уште еден час возење приде. Рационалност, што да се рече. И сега – дали сме доволно во кал од која треба да нѐ извлече некој британски тим?

Проектите од преку Ламанш, за нас лопатите

Сосема е веројатно, заради природата на договорот, кој нам не ни дава само пари, туку зема и дел од работите поврзани со нивното користење, дека проектот за пругата кон Солун нема ни идејна, кроки-верзија, а камоли нешто повеќе. Тука, да ги разочарам професорите од Градежниот во Скопје, нема нови тезги за нив, бидејќи веројатно е дека Бритите ќе земат да проектираат, а веројатно ќе вршат и надзор. Според договорот, ним им припаѓаат 30 отсто од извршувањето на проектот. Нема белки да ги видиме со лопати и гребла?! Тие ќе ни ги дадат нам.

Ние си ја знаеме таа пруга кон Гевгелија, почнувајќи од Табановце. Долината на реката Вардар ниту во сон не може да се замисли да добие уште еден колосек а такви брзи пруги, нека се и со редуцирана брзина од 120 километри на час, да речеме, се незамисливи без двојни, паралелни шини.

Очевидно идејата е таа брза пруга да оди на порамен терен а според изјавата на министерот Николоски засега така е и замислена во главата на потписникот на договорот со Лондон, а и надлежен министер. Значи пругата после Табановце би требала да оди до Куманово, а потоа да се пренасочи кон Овче Поле, да го помине, потоа да оди низ Радовиш и долу, на југот на земјата, во струмичко, да се врзе за Миравци. И потоа стоката оди – на царинење. Доста амбициозно а привлечно – доаѓаат локалните избори, за гласачите треба едно републичко „лижавче“! Има привлечност за Свети Николе, за Штип, Радовиш, па тука е и опозиционата Струмица!

ШТО Е ПОТПИШАНО За т.н. историски договор во Лондон ќе се дознава во долга и кој знае колку (не)транспарентна опсервација за јавноста

Ама секако таа варијанта ја прави пругата доста поскапа. Се споменуваат 2,5 милијарди евра како сума за овој проект ама се чини дека тоа е просто фантазија за таква голема работа за која говори Николоски. Министерот вели и дека постојната пруга во исто време би требало се рехабилитира (премиерот Мицкоски засега споменува само рехабилитација на постојната железничка комуникација), за по неа сообраќајот да се одвива несметано, додека градежниците ќе се мачат низ тоа Овче Поле. Говори за проект кој би личел на триаголник. Јасно е дека како триаголник или како трапез, да не му појаснувам на министерот делови од школската програма (тој рече и дека Британија била втора светска сила во светот!) оваа слика на коридорот 10 по негово ќе има доста мачни и долги градежни работи.

Може до Жабени, ако се најде локомотива

Да споменам дека ние токму кај градежните работи мака мачиме да се организираме и направиме автопат, да речеме на релација Охрид-Кичево (повеќе од десет години го градиме и крајот не се гледа) во должина од 60 километри. Треба ли да се спомене дека пругата од Битола до границата со Грција (Кременица), за која постоеја европски пари, ја рехабилитираме на иста основа рамно 20 години, иако е долга само 18 километри.

Замислете ја нашата оперативност и низ таа „минијатура“. Сега Грција не сака да се поврзе по железнички пат, иако има и меѓународни обврски на тој план и доби европски пари пред 21 година. Ех, да бевме во Унијата, ќе можевме да се буниме. Ама оваа власт бега од Унијата по секоја цена (затоа е избрана Британија како заемодавач) и сега доцни во сѐ, како и за пругата до Кременица која ќе се користела само до Жабени, ама да се нашла локомотива(!) во меѓувреме. Стално нешто недостасува, пустото. Жабени е на 9 километри од Битола и неколку километри до границата, да објаснам.

Ова е секако само пример што сѐ е поврзано со сите други елементи што се битни за железничкиот сообраќај, а што кај нас ги нема. Особено за крупни залаци како што е идна брза пруга. За многу од обврските  никогаш и не сме биле брзи (освен во време на социјализмот и неговата „мека моќ“ на убедување), пред сѐ за одземањето на приватни поседи и претворање во градежни парцели.

Државен апарат оптоварен со својата неефикасност  

А тоа мора да го има за она што се сака кај железничките амбиции – ќе ги нема пазарењата за имотите само низ клисурите и сличните места како кај старата пруга ама во полињата, дел од нив плодоносни и дури и наши житници ќе донесат доста кавги со селаните. Па гледајте го случајот со онаа куќа на Водњанска која боде очи со децении ама немаше решение да се урне. Или за три куќи од Керамидница кои не дозволуваат да се ефектуира градењето на новиот мост од Спортската сала „Сандански“ до Автокоманда – колку само чинеше овој мост, граден од претходниот градоначалник, а сега цинично стопиран од актуелната градоначалничка, која место да го решава проблемот го нарекува истиот тој објект „рибарски“.

Овие примери се само огледало на нашата вкупна и сложена неефикасност на многу полиња што се очекувано сопки во нормални инвестиции а да не говориме за проекти што едноставно се – гигантски!

Впрочем, да погледнеме на север, кон Србија, од која не се разликуваме многу во било каков поглед. Да не одиме сега во нијанси. Иако имаа пари и унгарско – кинеска финансиска поддршка, брзата пруга кон Будимпешта едноставно никако да се финишира иако цело време се гради на рамнина! Порамно – здравје! И пругата која требало да вози по „само“ 160 километри на час има многу проблеми во експлоатацијата до Нови Сад (40 километри) од технички и безбедносни причини. Роковите се продолжуваат до бесконечност, цената расте, а до израз дојде и корупцијата што се виде со падот на настрешницата.

Ова не се наивни работи – најпрво треба да имате рентабилна железница и во постојниот габарит, додека пругата не стане проодна и не носи приходи по себе, за да се враќа позајмицата која е огромна.

Градежни експерти велат – да не претеруваме

Градежни експерти сметаат дека Владата непотребно се задолжува за изградба на две железнички пруги во ист правец – од Табановце до Гевгелија на Коридорот 10. Поранешниот министер за транспорт и врски, Балкоски, смета дека наместо тоа, парите треба да се искористат за доизградба и комплетирање на пругата на Коридорот 8, односно да се заврши делот кон Бугарија и да се започне со градење на делот од Кичево до Ќафасан, односно железнички да се поврземе со Албанија.

„На тој начин ќе изградиме и ќе функционираат железнички линии на двата коридора 8 и 10. Доколку е потребна втора железничка линија на Коридорот 10, тогаш може да се примени концесија за изградбата, употребата и користењето со определен рок. За сето ова, потребно е сега да се направат физибилити студии и проценки за да се постигне одржлив раст на регионален и на државен план“, вели поранешниот министер.

Јасно е дека од идејата за затворање на коридорот 8 кон Бугарија, за што постојат добри предуслови (згора и европски пари) постои голем отпор кон таа варијанта во врвот на оваа власт, иако е таа историски дури и повеќе од оправдана релација за изградба, за што наскоро ќе објаснам поопширно. Сигурно дел од тајната лежи во начинот на финансирањето на пругите на коридорите – европските пари не овозможуваат никакви „дискреции“ кои кај британскиот проект ќе ги има, особено што се говори дека коридорот 10 е дел од договор влада-влада кој овозможува да нема јавни тендери. Така, изборот и преговорите за цената ќе одат очи во очи, а тогаш…

ВО КИНЕСКАТА АМБАСАДА Снимка на сајтот на амбасадата во Скопје, вечерта пред мартовскиот пат на министерот за Лондон. За што се разгoварало со Кинезите пред патот за Лондон – за средбата не е објавено соопштение од наша страна.

Магнетот кој постојано ја отклонува иглата само правецот север-југ има и поширока политичка директива. На пример, деновиве се откри дека пред да замине за Лондон на клучниот состанок на која се дадени елементите на Спогодбата, министерот Николовски имал средба во кинеската амбасада. Таа вест тој не ја објавил на својот профил, иако кинеските домаќини тоа го сториле!? Што се криело? Или зошто било неопходно да се информираат – ако ништо друго – оние кои имаат свои интереси за релацијата Пиреј-Будимпешта?

За ова секако треба посебна експликација на која ќе се посветиме во следниот текст на истава тема – коридорите низ Македонија.


Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА. Текстот е личен став на Авторот.

Print Friendly, PDF & Email
Tags: инвестицииКоридор 10кредитиМакедонски железници
Share34Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Фото: Принтскрин од емисијата „Бизнис 21“ на ТВ21

    Славески: Мизерно е да ме прашувате за мојата плата од 3.000 евра, никој не ме прашува за гладувањето во САД додека студирав

    503 shares
    Share 201 Tweet 126
  • Вучиќ не ја потпишал декларацијата од самитот во Украина за да не ја „предаде Русија“, понуди помош за реконструкција што предизвика потсмев во Србија

    224 shares
    Share 90 Tweet 56
  • УНХЦР: Во светот има 122 милиони насилно раселени лица

    111 shares
    Share 44 Tweet 28
  • Османи до Мицкоски: Можеш да вреѓаш, да се закануваш, да фрлаш клетви и анатеми, да колнеш, но, ние Албанците не сме гости во оваа земја туку домаќини

    104 shares
    Share 42 Tweet 26
  • Предлогот од ЛДП за воведување една изборна единица на 53. седница на Собрание

    98 shares
    Share 39 Tweet 25

CIVIL MEDIA NEWSLETTER

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ