Претседателката на Косово Вјоса Османи, претседателот на Собранието Глаук Коњуфца и премиерот Албин Курти денеска го потпишаа барањето за членство на Косово во Европската унија (ЕУ), пренесуваат косовските медиуми.
Косовската претседателка Османи, барањето за членство во Европската унија го смета за „историски ден“.
Во својот говор по потпишувањето, Османи рече дека Косово како земја на мирот и почитувањето на човековите права заслужува да биде дел од ЕУ.
„Денес е историски ден. Ова е историски момент. 14 декември има двојно значење во современата историја на Косово. Покрај апликацијата за членство, денеска е и годишнина од основањето на војската. Овие два чина одат во насока на нашата евроатлантска визија. Во име на Косово, преземаме одлучувачки чекор кон остварување на сонот. Да ја приближиме нашата земја чекор поблиску до ЕУ. За Косово нема друга алтернатива. Во пресрет на 15-годишнината од независноста, овој чин е посветен на сите граѓани, оние кои се изборија за слобода. Косово дише европски. Најмладата држава во Европа, земја на политички плурализам, верски права, придонесувач за мирот и безбедноста заслужува да биде дел од ЕУ. Нашиот пат напред е јасен. Решени сме да успееме. Правиме историски чекор ЕУ што поскоро да тргне кон историската одлука“, рече Османи.
Претседателот на Косовското собрание Глаук Коњуфца денот на потпишувањето на апликацијата за членство во Европската унија го нарече многу важен ден.
Тој рече дека ЕУ е комплетна само кога сите европски нации ќе бидат дел од неа.
„Ова е прв официјален чекор на патот на членството на Косово во ЕУ. Ова патување оди преку Европската комисија… но оваа одлука им припаѓа на владите на земјите членки кои ги повикуваме да гласаат едногласно“, рече Коњуфца.
Од друга страна премиерот на Косово Албин Курти најави дека апликацијата ќе биде доставена до чешкото претседателство со ЕУ во Прага.
„Напредокот ќе зависи од нашата посветеност на длабоки и прогресивни реформи. Колку брзо ќе одиме ќе зависи од нас. Ќе одиме напред по наша заслуга, со нашите способности да ги исполниме критериумите. Пречките и предизвиците ги надминуваме со демократски развој и општествен напредок“, рече Курти.
Подготви: Н.Абдурахмани