Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, на својата Фејсбук страница објави дека ја прогласил за непожелна во Република Косово руската новинарка Дариа Асламова, која беше приведена вчера при обид да влезе во земјата од Србија, преку граничен премин во северно Косово, и за која вели дека постојат многу докази за нејзините разузнавачки и пропагандни активности за потребите на руските тајни служби.
– Врз основа на Законот за странци… ја прогласив за непожелна во Република Косово Дариа Асламова. Влезот на оваа личност на територијата на Република Косово ѝ е забранет за пет години. Секој кој што со одредени цели или директиви ја повредува или се обидува да ја дестабилизира нашата земја беспоговорно ќе се соочи со силата на законите на Република Косово, напиша Свечља.
За руската новинарка Дарија Асламова, која беше приведена вчера при обид да влезе во земјата од Србија, преку граничен премин во северно Косово, косовскиот министер за внатрешни работи синоќа изјави дека за нејзините разузнавачки и пропагандни активности за потребите на руските тајни служби, постојат многу докази и потврди од повеќе држави, во кои веќе ѝ е забранет влезот.
Д.Мишев