„Штајнмајер како претседател на Германија јасно нагласи дека ние сме Македонци и Македонки. Но, упати и јасни укори кон опозицијата дека нивната националистичка реторика, која служи само за собирање гласови, не е дел од европската култура“ изјави пратеникот од СДСМ, Ненад Коциќ во „24 анализа“ на ТВ24.
Тој додаде дека германскиот претседател јасно кажа л дека во јуни и јули се виде кој се залага и работи за евроинтеграциите на државата.
„Германскиот претседател во неговото обраќње во Собранието укажа дека европскиот пат зависи од нас и тоа како ние ќе се однесуваме. Во моментов единствена кочница за европскиот пат на земајва е опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и нивните пајтон партии“ изјави Коциќ.
Пратеникот од СДСМ кажа дека ЕУ е проект за мир, а ние како составен географски дел од Европа треба да најдме начин да воспоставиме мир, соработка и соживот, во земјава, со соседите и регионот.
Од ВМРО-ДПМНЕ да одговорат дали се за разграничување на Македонците и Бугарите како различни нации
„Дали сме против разграничувањето на Македонците и Бугарите како различни нации? Ние не сме, сметаме дека треба да бидат разграничени, но молам од ВМРО-ДПМНЕ јавно да одговорат дали се против“ изјави пратеникот од СДСМ, Ненад Коциќ во дебатата со неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски во „24 анализа“ на ТВ24.
Коциќ додаде дека различните националистички барања на Бугарија во јули биле заменети со единствениот услов, односно внесување на бугарското малцинство во Уставот.
„ВМРО-ДПМНЕ, Левица и другите хушкаа и лажеа дека ќе сме зборувале западно-бугарски дијалект, дека бил загрозен идентитетот и слично. Испадна дека ја манипулираат јавноста на база на националното прашање“ рече Коциќ.
Пратеникот од СДСМ изјави дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се извини на јавноста и луѓето кои ги лажеа и манипулираа, кога веќе немаат достоинство да го сторат тоа на пратениците кои беа нарекувани предавници.