Ковачевски посочи дека Агенцијата за катастар и недвижности се развива веќе 75 години, од 1947 година, формирана како Геодетска управа на Народна Република Македонија, дека преку неколку законски трансформации на институцијата низ годините, со новиот Закон за катастар на недвижности од 2008 година е дефинирана како Агенција, дека почетоците на геодетски премери во нашата држава се бележат уште порано – од пред 95 години, како и дека во последниве неколку години е направен значителен напредок во оваа област.
Ковачевски ги потенцираше важноста на дигитализацијата и отвореноста на податоците.
„Ги поддржуваме заложбите за достапност до катастарските податоци преку Националниот портал за електронски услуги, односно имотните листови и историјатот за сопственост, бидејки тоа е согласно праксите во Европската Унија, каде отворените податоци се регулирани со директивата за јавниот сектор, отворените податоци имаат отворен формат, се користат без надоместок и без да се ограничуваат корисниците. Дигитализацијата на јавните услуги ја зголемува ефикасноста и пристапноста при испораката на јавните услуги, ги забрзува процесите, гo намалува човечкиот контакт и можностите за корупција и овозможува висока транспарентност на сите нивоа. Значајна е и дигитализацијата во правосудниот систем, пред сѐ поради ефикасноста на завршувањето на постапките. Во тек се процедурите за целосната дигитализација на околу 186 судници во 34 судови, бидејки, меѓу приоритетите во Програмата за работа на Владата 2022 – 2024 година се дигитализацијата, независно и ефикасно правосудство, професионализацијата на институциите и превентивните мерки во надградбата на Планот за борба против корупција“ додаде премиерот Ковачевски.
Тој изрази очекување за скорешно заокружување на предлозите на Законот за премер, катастар на недвижности и регистри и Законот за геодетска дејност, коишто се сега во нацрт форма, низ инклузивен процес, со што ќе се овозможи унапредување на квалитетот на работата на Агенцијата.