„Почитуван слободарски, прогресивен, борбен народе, граѓанки и граѓани: Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други – застанати едни до други, како илинденците во 1903, како асномците во 1944 – и денес, 2022 – во различно време, но повторно заедно и повторно со иста цел пред себе – светла иднина, сигурност и перспективи!, кажа Ковачевски на почетокот на својот говор.
Денес, овде, на Мечкин Камен, стоиме исправени во чест на нашето минато и оддаваме длабока почит на илинденците, кои пред повеќе од еден век ја создадоа Крушевската Република, заснована врз длабоки демократски принципи и еднаквост – и даваме збор. Идејата илинденска и асномска, за светла и перспективна македонска иднина – и генерациите на денешнината ја имаат пред себе – и од неа назад – нема! Има само напред!
Уште одѕвонуваат зборовите на нашиот претседател Киро Глигоров од таа вечер: „Ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“, со коишто е објавено и потврдено остварувањето на сонот за слободна и самостојна држава. Овие зборови ќе останат запаметени во историскиот континуитет на македонската државност, изјави Ковачевски.
Ковачевски истакна дека Илинден е нашата сила и за современа, модерна, економски развиена – европска, Република Северна Македонија.
Тој истакна дека водени од заедничката борба во којашто животи се положувале за сестрите и браќата од сите народи на ова парче земја, се обединивме од сите етнички заедници и вери во едно и еднакво општество за сите, без исклучок, рамноправни пред законите, без разлика на народност, пол, раса, вероисповед.
Илинден е нашата сила да продолжиме да градиме и заедничка држава на сите граѓани, без предрасуда кон кого било и држава интегрирана во Европа и рамо до рамо со демократиите во светот – и од ова назад – нема! Има само напред!, нагласи Ковачевски.
Премиерот посочи дек денес, во нашата земја се твори на македонски јазик, по примерот на големите Конески, Јаневски, Андреевски, Мисиркова – Руменова, Крле, Шопов, Николова, Урошевиќ, Стефановски, продолжувајќи го делото и на Мисирков, Миладиновци, Цепенков, Прличев, кои нѐ задолжија да го чуваме, негуваме и развиваме нашиот македонски јазик.
Но, додаде тој, денес во нашата држава се признаени и се негуваат и јазиците на сите други народи кои живеат овде, албанскиот, турскиот, влашкиот, српскиот, ромскиот, босанскиот јазик – со што покажуваме меѓусебна почит и разбирање и со што поставивме цврста основа на меѓусебна доверба.
Заедништвото низ кое илинденците и асномците ги добиле нивните битки, е заштитен знак и на современата заедничка држава што ние ја градиме и низ кое заедништво ги надминуваме предизвиците на нашето време, добивајќи ги на тој начин нашите битки.
Денес, Република Северна Македонија е пример како се градат добрососедски односи – предводник е во иницијативата Отворен Балкан, којашто носи бенефит на економски план, но и ја зајакнува соработката меѓу соседите.
Се интегриравме и во НАТО, како почитувана земја членка, а вратите за нас ги отвори и Европската Унија, прифаќајќи ја нашата посебност како Македонци кои говорат македонски јазик и како мултикултурна држава, којашто може да придонесе во развојот на интегративниот концепт на европската идеја.
Ете поради сето ова Илинден е нашата сила за иднината!
Длабоко е врежан Илинден во нашиот код. Илинден е нашиот код.
Тоа е идеја за заедништво и прогрес што гради мостови.
Тоа е идеја која поврзува! Тоа не е идеја која дели!
Тоа е идеја која што сака, а не која што мрази.
Тоа е идеја која што развива, а не е идеја која што блокира.
Тоа е идеја која што интегрира, а не е идеја која што изолира.
Прогресивната суштина на илинденската идеја живее во секој чекор што го преземаме и со секоја одлука којашто ја носиме како држава и како општество, нагласи Ковачевски.
Тој нагласи дека визијата на револуционерите кои се издигнале над своето време, Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански, на Никола Карев, општо, на Крушевската Република, за обединување, еднаквост, правичност и праведност, перспективност е аманет што обврзува секого, кој ѝ мисли добро на својата родна земја, Република Северна Македонија. Да се почитува великанот Гоце Делчев, значи да се сфати неговото разбирање на светот како поле на културен натпревар меѓу народите и така да се дејствува.
Ковачевски потсети на Илинденците од АСНОМ кои јасно порачаа: Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме.
Ние денес, нагласи тој, инспирирани од визионерите илинденци и асномци, градиме современа, прогресивна, економски развиена Република Северна Македонија. Градиме земја на пријателства и соживот. Тоа е она по кое светот нас нѐ препознава.
Тој истакна дека со таа мисла и во тој дух денес гордо стоиме рамо до рамо со нашите пријатели, сојузници и партнери во НАТО и ЕУ. Делиме исти вредности, а ќе делиме и европска иднина, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите јазични, идентитетски, историски и културни особености и европска иднина во којашто има место за сите.
Ковачевски напомена дека генерациите на денешнината ќе ја имаат можноста да го посведочат денот кога со полноправно членство, македонскиот јазик ќе е еден од службените јазици на ЕУ, еднаков со сите останати 24 официјални јазици на Европската Унија. Сонот македонскиот јазик да се чуе надалеку, да го запознаат, чујат и доживеат земји и култури коишто никогаш досега немале допир со него, ќе стане стварност.
Нашата генерација ќе има можност сé она што е автентично за нас и за нашиот јазик, култура, обичаи и традиција да го втемели во основите на големото европско семејство, правејќи го побогато и поразнолико, вистински обединето во различностите, кажа Ковачевски и додаде. Поголемо признание и можност за развој на сѐ она што е македонско, не постои. Не постои и поголем патриотизам од носењето државнички одлуки.
Ковачевски потсети декаИлинденците со оружје во рака се бореле за ние денес да можеме да водиме други, поинакви битки, за развој и просперитет на сите граѓани подеднакво.
Затоа, нагласи Ковачевски, денес нашиот поглед е свртен кон иднината, исто како и погледот на илинденците и во 903-та и во 44-та и во 91-та. Сега е време е за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре, но пред сѐ за посветена работа за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава.
Како што успеавме да се обединиме независно од нашата етничка и верска припадност, нашата заедничка должност е да се обединиме и независно од политичките определби. Како илинденците и асномците – и ние да ги поставиме пред нас државните приоритети. Тие приоритети – и во времето на Илинден и во времето на АСНОМ – и денес – се напредок на државата. Нема поголем државен приоритет од патот напред, којшто носи перспективи за иднината на младите и економски напредок за граѓаните, рече Ковачевски.
Според Ковачевски, тоа е можно со интеграцијата во европското семејство и повикувам на обединување на генерациите на денешнината во остварувањето на оваа стратешка државна цел. Нејзините корени се во Илинден и затоа, Илинден нека биде нашата сила за нашата иднина.
Тој истакна дека е време новото сонце на слободата да изгрее и да ни го осветли патот за храбро, посветено и бестрашно да погледнеме кон иднината и брзо и одлучно да го оствариме нашиот сон, сонот на илинденците, на борците од НОБ. Време е за нови, заеднички победи.
Ние никогаш нема да заборавиме кои сме и од каде доаѓаме и од што сме направени, а тоа ќе е нашата сила храбро да зачекориме и да отвориме ново поглавје во македонската историја. Нека им е вечна слава на илинденците! Нека ни е честита Слободата и Републиката!“, кажа на крајот од своето обраќање премиерот Ковачевски.