Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски смета дека европската иднина и европскиот правец на државата се пред сериозна закана. На граѓанската трибина „Силно и одлучно кон иднината“ во Гевгелија тој кажа дека еден политички субјект кој многумина го потценуваат е сериозна препрека на европскиот пат.
„Левица и Димитар Апасиев имаат јасна агенда да го попречат патот кон ЕУ. Не ги потценувајте, како што изминуваат деновите Левица ќе го земе Мицкоски како нивни заложник. Мицкоски е слаб, нема визија, нема став, тој е обичен послушник на Никола Груевски. Апасиев и Левица се реалната закана за европската иднина на државата“, рече Ковачевски.
Според него, нивната политика нема да ја направи земјата посилна, туку послаба ако запреме на патот кон ЕУ.
„Ќе секне помошта од ЕУ, ќе немаме пристап до европските фондови, ќе завладее неизвесност, младите ќе побегнат во други европски земји. Македонскиот идентитет повторно ќе го доведуваат под прашање. Се што досега постигнавме ќе го загубиме. И ако не дај Боже ова дуо дојде до таква моќ, може да се разбудите наутро со лажно чувство на гордост. Но и гладни, сами, затоа што вашите деца си заминале, без иднина, затоа што вашата земја ќе биде изолирана. Не се лажете – пироманите од Левица се посилни затоа што Мицковски станува се послаб“, додаде Ковачевски.
Претседателот на СДСМ кажа дека политичките соперници носат опасност од непромислен популизам, порачувајќи дека тој нема да дозволи тоа да и се случи на земјата што ја сака.
„Европската унија е нашата најдобра опција за сигурна македонска иднина, не смееме да дозволиме да ја загрози било кој“, заклучи Ковачевски.