Премиерот Димитар Ковачевски оствари средба со генералниот директор Мохамед Хасан Ал Суваиди на „Развојниот холдинг на Абу Даби -ADQ“ како и останати претставници на високото раководството, како дел од посетата на Обединетите Арапски Емирати, информираат од Владата.
Премиерот Ковачевски, заедно со министрите за финансии Фатмир Бесими, за транспорт и врски Благој Бочварски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, ги претставија можностите за финансирање и инвестиции во повеќе сектори.
Целта е да се зацврстат економските врски меѓу двете земји и да се поттикне значителен интерес за инвестиции во целните сектори, вклучително и обновливите извори на енергија, инфраструктура, туризам,земјоделство, здравство. На состанокот стана збор и за воспоставување на директна линија Скопје – Абу Даби во насока на продлабочување на економската соработка.
Владината делегација ја истакна важноста од инвестиции и во услови на најголемата светска енергетска криза и воени превирања, се со цел да се даде стимул на економијата.
Двете страни констатираа дека постои голем потенцијал за развој на соработката меѓу двете земји и за реализација на инвестиции од Обединетите Арапски Емирати во земјава со особен фокус на земјоделството и преработката на храна.
Премиерот Ковачевски на состанокот истакна дека минатата година се потпиша договор меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за взаемна заштита на инвестиции, кој е многу значаен за поттикнување на нови инвестиции од ОАЕ. Владината делегација ги презентираше проектите од различни области кои го привлекоа вниманието на раководството на овој фонд.
На состанокот беше заклучено дека од голема важност е зацврстување на соработката и можноста за инвестирање во различни сектори кои имаат за цел да придонесат за зголемена економска соработка и трговија меѓу двете земји.
é Ковачевски во рамки на посетата во Абу Даби, оствари средба со Џамал Саиф Ал Џарван, генерален секретар на Меѓународниот совет на инвеститори на Обединетите Арапски Емирати (UAEIIC).
Советот има главна улога за упатување и информирање на компаниите од ОАЕ каде да инвестираат и да го вложат својот капитал.
Истиот има главна улога при упатување за определување на нивната инвестициска активност.
На состанокот на кој присуствуваа и министрите за финансии Фатмир Бесими, за транспорт и врски Благој Бочварски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски беа презентирани инвестициските можности и фокус секторите кои имаат потенцијал да привлечат свеж капитал.
Фокусот на инвестиции на Меѓународниот совет на инвеститори на Обединетите Арапски Емирати се телекомуникациите, развој на недвижности, туризам, обновливи извори, инфраструктура, здравство како и храна и прехранбена индустрија.
Премиерот Ковачевски истакна дека она што е многу значајно во доменот на енергетиката во иднина за Северна Македонија, како и за земјите од регионот е диверзификација на изворите на снабдување со енергенси, и за таа цел се реализираат проекти кои на среден и долг рок ќе ја намалат зависноста и снабдувањето со енергенси од еден извор.
Беа разгледани начините и методите за искористување на сите можни потенцијали за унапредување и зголемување на трговската размена, која ќе придонесе за зголемување на економскиот раст.