ВЕСТ НА ДЕНОТ
Маричиќ: Ќе се спречат сите обиди за заобиколување на правдата
Министерот за правда Бојан Маричиќ во своето онлајн обраќање на отворањето на јавната дебата „Истражување и анализа на состојбите со корупцијата во правосудството“ во организација на ДКСК, кажа дека Министерството за правда активно работи да се спречат обидите за заобиколување на правдата, стои во соопштението од Владата.
– Не можеме да имаме силна правна држава ако законите не важат за сите подеднакво. Тие што направиле корупција или криминал, без разлика дали се работи за политичари, судии или кој било, мора да одговараат. Обидите за заобиколување на правдата и правниот систем не смееме да ги дозволиме. Токму затоа ја поддржавме и новата методологија за проверка на работата во судството. Вчера Судскиот совет донесе одлука за разрешување на тројца судии. Досега вкупно 16 судии се разрешени. Сметам дека овие проверки според планот треба да продолжат и јас како министер и Владата во целина, даваме безрезервна поддршка на тој процес, потенцираше Маричиќ.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
– Во овој момент не можам да навлезам подетално. Свесни сме за вашите црвени линии, треба да видиме со нашите пријатели од Бугарија каде тие, односно како ние можеме да ги акомодираме нивните барања. Ние сега како претседателство мора да покажеме одредена неутралност. Клучното прашање не е кој е во право во овој спор, туку како да дојдеме до решение кое што двете страни ќе го презентираат пред својата јавност и да добијат некој генерален договор. Тоа е решението, оцени Предан.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЕКОЛОГИЈА Започна процесот на чистење на линданот и неговите изомери од малата депонија во кругот на ОХИС, што подразбира расчистување на теренот, обезбедување и поставување на потребната опрема и механизација околу малата депонија, објави денеска на својот Фејсбук профил премиерот Зоран Заев.
КОВИД-19 Граѓаните мора да сфатат дека вакцинацијата е единствениот спас од Ковид-19, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој најави дека од есен најверојатно на масовни настани и на отворено и на затворено би се присуствувало само со сертификат за вакцинација против Ковид-19.
ОБРАЗОВАНИЕ Редовен состанок со градоначалниците, директорите на училиштата и лицата задолжени за образование во локалните самоуправи одржа денеска министерката за образование и наука Мила Царовска, на кој разговараа за подготвеноста за имплементација на новите наставни програми за прво и четврто одделение, кои согласно новата Концепција за основно образование треба да се воведат од 1 септември.
ДОНАЦИЈА Мобилни скенери, дензитометри и камери, се дел од опремата што УСАИД ја донираше за царинските управи на Северна Македонија и Албанија, за олеснување на трговијата и транспортот и подобрување на прекуграничната соработка меѓу двете земји со цел воспоставување заеднички граничен премин и заеднички контроли на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане.
СУДСТВО Околу 20 проценти од претставките кои ги добива Државната комисија за спречување на корупцијата од граѓаните се однесуваат на правосудството, нагласи претседателка на ДКСК Билјана Ивановска.
На отворањето на јавната дебата „Истражување и анализа на состојбите со корупцијата во правосудството“ во организација на ДКСК, Ивановска, порача дека потврда за ова се и резултатите од овогодинешното истражување на Балкански Барометар 2021 спроведено од Регионалниот совет за соработка каде е утврдено дека 81,1 процент од граѓаните сметаат дека судството е најкорумпирано.
Д. Муратов












