Сообраќајна несреќа во Бугарија во која загина возач на камион беше предмет на разни неофицијални информации, шпекулации, но и дезинформации во дел од медиумите и на социјалните мрежи.
Возач на камион со македонски таблици загина во Бугарија по тешка несреќа на автопатот „Тракија“, објави ТВ21, Повикувајќи се на „првичните неофицијални информации од МВР на Бугарија“ за оваа телевизија. Фактор пак пренесе дека Камионџија од Македонија загина во Бугарија во судар со друг камион. Сител, повикувајќи се на бугарски медиуми, објави нови информации дека Загинатиот возач во несреќата во Бугарија возел камион со турски таблици. Подоцна, истиот медиум објави дека Загинатиот возач во денешната сообраќајка во Бугарија не е Македонец, а и дека камионот немал турски, туку црногорски таблички: „Портпаролот на Окружното обвинителство во Стара Загора, Георги Видев за МИА изјави дека загинатиот возач е државјанин на Црна Гора, а камионот што го управувал било со црногорски регистарски таблички.“, се вели во содржината.
И информациите што ги пренесе МИА од МНР и дополнителните проверки на амбасадата во Софија, укажуваат дека „според досега добиените податоци, нема информации за сообраќајна несреќа во која учествувал камион со регистарски таблички на Македонија, ниту за наш државјанин кој го загубил животот, информираат за МИА од МНР“, пренесе Канал 5.
Многу медиуми и во Бугарија и во Македонија повторно останаа со куси нозе информирајќи за сообраќајна несреќа. И овојпат, наместо проверени информации, одговорност и професионализам, видовме лов на кликови со шпекулации, дезинформации и сензационализам.
Автор и водител: Петрит Сарачини
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Стручен соработник на сценарио: Жарко Трајаноски