Кремљ официјално ги вклучи окупираните делови од регионите Донецк, Луганск, Запарижје и Херсон во рускиот Јужен воен округ, објави Центарот за борба против

дезинформации на 6 ноември, пренесува Кијив Индипендент.
Округот веќе го вклучуваше окупираниот Крим, а овој потег создава основа за проширување на регрутацијата на моментално окупираните територии.
Украинските власти предупредуваат дека ова драматично ја зголемува заканата од нелегална мобилизација на жителите во вооружените сили на Русија.
Секое такво присилно регрутирање на Украинци на окупирана земја се смета за воено злосторство според меѓународното право.
Според разузнавачките служби на Украина, од почетокот на целосната војна во 2022 година до летото 2024 година, Русија мобилизирала приближно 300.000 мажи од локалното население во окупирана Украина, како што објавија Источната група за човекови права и Институтот за стратешки студии и безбедност (ISRS).
Руските власти не се насочени само кон младите. Во извештајот од јануари, „Жолтата лента“ забележа дека тие имаат тенденција да ги фокусираат напорите за мобилизација на Украинците во „тешки животни ситуации“, како што се сирачиња, деца на лица со попреченост и момчиња чии родители се во болница со рак или други сериозни здравствени проблеми.
Русија, исто така, се движи кон формализирање на целогодишна воена обврска почнувајќи од 1 јануари 2026 година, според декрет потпишан од рускиот претседател Владимир Путин.
М. Д.










