Меѓународниот фестивал на поезија и уметност „Крик на жената“ (Woman Scream) по трет пат ќе се одржи на 28 март, во МКЦ (Клуб ресторан), со почеток во 19 часот.
Фестивалот оваа година ќе се одржи во чест на мајките како водилки на новите генерации, посветени на живот без насилство и родова рамноправност и во чест на мајките кои ги изгубиле своите ќерки, кои биле жртви на насилство.
Мотото на меѓународниот фестивал оваа година е „Flashlights of Hope” („Блесоци на надежта”), а во Македонија, 20 дена по 8-ми Март, шчо напраифме?
Фестивалот ќе започне со панел дискусија на тема – – “Фенери на надежта”, со панелистките Билјана Дуковска, Македонска Платформа против сиромаштија – МППС, Љатифа Сиковска од НВО Амбрела, Снежана Смилевска од Организација на жени Скопје и Наташа Доковска од Новинари за човекови права.
Дел од поетското читање ќе бидат поетесите и поетите Стефан Митиќ, Богосав Пејиќ, Немања Стојковиќ – Блеки од Србија, Даниел Кубас Ромеро од Перу, Елена Пренџова, Џабир Дерала, Атанас Чупоски, Анета Василева, Пунторие Муча Зиба, Ирена Јурчева, Сања Атанасовска, Ана Љубиќ, и Оливера Доцевска од Македонија.
Според програмата присутните гости ќе имаат можност да проследат два перформанса на модерен танц и да ужива во музиката на Игор Узунов и Валентина Ѓорѓиевска Парго.
Фестивалот „Крик на жената“ се организира во повеќе од 50 земји во светот од 2011 година, со повеќе од 600 успешни координирани настани, со цел промовирање на меѓународно ниво на поезијата и на уметноста. Во соопштението на организаторите се вели дека фестивалот не е во прилог на радикалните верувања и тенденции против мажите, туку за заедничка соработка и поддршка на мажите во промовирање на женските права.
Фестивалот е поддржан и од ЦИВИЛ.
Биљана Јордановска