По одлуката на Врховниот суд дека рокот на СЈО од 18 месеци за покренување обвиненија е истечен, како и дека ова обвинителство не може да покренува нови истраги, судиите од Кривичниот суд во Скопје вчера попладне на состанок одлучиле да се обратат до републичкиот јавнен обвинител Љубомир Јовески.
Тие ќе бараат тој да се изјасни кој сега е надлежен за предметите на СЈО, дали тимот на Катица Јанева или некое од редовните обвинителства, а од Јовески ќе се бара да покрене и иницијатива до Собранието за таму да се направи автентично толкување на членот 22 од законот за СЈО за кој минатата недела се произнесоа врховните судии.
Минатата недела врховните судии донесоа начелно правно мислење во кое наведуваат дека СЈО не може да покрене обвинение или да запре истрага по истекот на рокот од 18 месеци откако ги презело „бомбите“, рок кој истече на 1 јули 2017 година.
„СЈО може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, како кумулативен услов, кој не може да биде пречекорен сметано од денот на прием на материјалите од неовластено следење на комуникации од член 2 од Законот за СЈО, и по истекот на тој рок од 18 месеци, не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка“, е мислењето на Врховните судии.
Со ваквото мислење Врховниот суд ги става под знак прашалник низа истраги кои СЈО ги покрена по тој рок од 18 месеци. Покрај истрагите, тука е и обвинението за предметот „Талир“ кој се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ за кој судењето треба да стартува на 18 февруари.
М. И.