„Секоја година нашето украсување е скромно. Првата година од мојот мандат, односно дочекот на 2018-та година, го откажавме затоа што долговите на општината беа големи и не можевме да си дозволиме. Но, и наредната година организиравме скромен дочек и скромно украсување кое беше во најголемиот дел обезбедено преку донации. Така и оваа година кога состојбата со Ковид-19 и во нашата општина е загрижувачка ние нема да потрошиме ниту еден денар за украсување благодарение на донацијата која ја обезбедивме за скромно украсување. Средствата се пренасочуваат во насока на справување со коронавирусот, покривање на економските штети и заштита на граѓаните“, вели Томе Христоски, градоначалникот на општина Крушево, на прашањето на ЦИВИЛ – Дали оваа година ќе ја украсите вашата општина за Нова година? Ако не ја украсувате, каде и за што ќе ги пренамените средствата кои ви се предвидени за таа намена?
Тој додава дека во текот на оваа година ги презедоа сите чекори за да ги намалат давачките на сопствениците на угостителки објекти и на бизнис секторот.
„Сите средства кои можеме ги пренасочуваме кон справувањето со Ковид-19 и така беше и со последниот ребаланс на Буџетот. Со ова сакам да кажам дека нашиот фокус е на справувањето со вирусот.
Истовремено, сакам да ја искористам оваа можност и да се заблагодарам на сите приватни субјекти и јавни институции кои донираа и не снабдија со заштитна опрема. Продолжуваме да се справуваме со вирусот и да обезбедиме безбеден почеток на новата година“, додава Христоски.
Дехран Муратов