„Со годините научив да не очекувам многу и за жал секоја година очекувам сè помалку, иако би требало многу повеќе работи да се направат, затоа што имаме многу ненаправени работи. Ако размислиме што сè сме пропуштиле, гледаме дека работите што ги имавме во претходниот систем во време на Југославија, после 30 години не можеме да ги вратиме во тој ред или во тие стандарди и вредности“, вели за ЦИВИЛ Медиа за перспективите на Македонија во 2020, Александар Кржаловски од МЦМС.
Тој вели дека во многу фронтови има уште многу да се крпи, а времето ни проаѓа и не го правиме тоа.
„Се смета дека мораше да се концентрираме на решавање на името и дека тоа ќе биде доволно за почетокот на преговори со ЕУ, па тоа потоа да не турка понатаму. Јас не сум согласен со тоа, бидејќи Макрон испрати порака, всушност француското „не“ е дека (или) Европа не сака држави кои не се достојни за Европа.
Треба прво самите да веруваме дека сме рамноправни со нив, а не инфериорни, да покажеме дека ние можеме да бидеме европска држава и без да бидеме членови на Европската унија, па дури тогаш да добиеме покана или прием.
Да не мислиме дека Европа ќе не бутка за ние да се смениме, и така да се квалификуваме, напротив ние треба да се смениме, па потоа Европа сама да нè бара, тогаш ќе биде прашањето дали ние ќе сакаме и дали ќе има потреба од ЕУ, бидејќи со ова „не“ јасно станува дека наредните 10 или 15 години нема да бидеме членка на ЕУ“, вели Кржаловски.
Кржаловски смета дека 2035 година е најран датум за членство во ЕУ, до тогаш Македонија ќе има повеќе години во независност отколку што била 45 години во југословенската федерација, од 1945-1990.
„Тогаш би било беспредметно дали ќе сме дел од ЕУ, бидејќи сега ЕУ ја доживуваме како „спас“ за нас, меѓутоа треба да ни биде јасно дека одамна сме полнолетни, скоро 30 години сме независни и нема потреба да се тревожиме дека нема да постоиме и дека некој треба да не бутка на некој пат. Доволно поминавме и сме научиле дека не треба да очекуваме помош ни од ЕУ ни од некој друг, едноставно треба самите да си ги подобриме работите на подобро како што најдобро знаеме“, истакна Кржаловски.
Дехран Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети