Со оглед дека Северна Македонија стреми кон еуинтеграции и патот кон Европа е дел од владините реформи и напори за подобра иднина на нашата земја, ЦИВИЛ Медиа ги праша претставниците на граѓанските организации зошто Европа, зошто ЕУ интеграции.
Граѓанските организации и нивното активно учество во креирање на политиките и практиките во општество, секогаш во улога на коректори на секој погрешен чекор на надлежните институции, се од круцијално значење за препознавање и негување на европските вредности.
„Ден на граѓанските организации“ во организација на Цивика Мобилитас, беше можност да поразговараме со претставниците на граѓанското општество и на оваа тема.
Серијата разговори ја започнуваме со Александар Кржаловски, МЦМС.
„Имам впечаток дека во претходниот систем што го напуштивме пред 30 години повеќе сме имале од тие европски вредности отколку сега. Не гледам дека брзо ќе ги вратиме, но генерално потребно е да одиме натаму. Дел да ги вратиме од тие што сме ги знаеле, на пример, солидарноста. Како деца, се сеќавам на акциите со Црвен крст за солидарност, што и денеска го промовиравме, тоа нешто целосно се изгуби во овие триесетина години.
Но, и сите други секако се еден систем на вредности кој се покажал како успешен и сакаме да го следиме и до кој треба да се придржуваме ако сакаме да градиме успешна иднина на државата и на нашите деца. Во меѓувреме, во овој транзициски период, многу од ти вредности се напуштија, а сè уште не успеавме да ги реизградиме или пак да воспоставиме нови кои претходно воопшто не сме ги ни имале“, изјави Александар Кржаловски.
Биљана Јордановска
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети