Извршниот директор на МЦМС, Александар Кржаловски, на конференцијата #Перспективи2019 во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода, истакна дека од самиот почеток немал преголеми очекувања, иако себеси се смета за оптимист, како и дека очекувањата му се усогласени со реалната ситуација.
„Не треба да очекуваме дека странците ќе ни сменат сè. Тоа треба да тргне од нас самите и ние да ја направиме таа промена“, рече Кржаловски.
„Добро е што се постигна Преспанскиот договор, затоа што ја поминавме таа психолошка бариера, но на нас сега останува да ги направиме сите реформи и придвижувања кон Европската Унија. Мислам дека во најмала рака треба да искористиме барем на економски план да се придвижат работите и да го спречиме одливот на граѓаните од Македонија“, истакна тој.
На конференцијата #Перспективи2019 воведни излагања имаа германскиот амбасадор Томас Герберих, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, проф. Мирјана Најчевска, Џевдет Хајредини (поранешен министер за финансии), Александар Кржаловски (МЦМС), Мерсиха Смаиловиќ (Легис), Кочо Андоновски (Центар за поддршка на ЛГБТИ+) и Фатон Алити. Од ЦИВИЛ зборуваа Биљана Јордановска, Дехран Муратов и Џабир Дерала.
М. Ивановска
монтажа и фотографија: Биљана Јордановска