Портпаролка на СДСМ, Богданка Кузеска, во обраќањето до јавноста на денешната прес-конференција, истакна дека додека ДПМНЕ сее лаги и ги манипулира граѓаните, нивните пратеници со дипломатски пасош со новото уставно име им се посмеваат на граѓаните.
Токму оние што прават шоу по границите, како пратеникот Миле Лефков од ДПМНЕ имаат дипломатски пасош со новото уставно име, изваден пред нешто повеќе од еден месец, истакна Кузеска и додаде: Антонијо Милошоски исто така има дипломатски пасош со новото уставно име, Северна Македонија и многу други пратеници од ДПМНЕ.
Според неа, ДПМНЕ ги лаже граѓаните и создава уште поголем проблем со извадањето нови пасоши.
Кузеска подвлече дека, од една страна нивниот министер за внатрешни работи во техничката Влада целосно го заглавува процесот со погрешни одлуки и чекори, и наместо да го зголеми капацитетот за сликање и вадење пасоши го укина вадењето пасош без закажување.
Тоа го пролонгираше целиот процес со месеци. Граѓаните со денови не можат да закажат термин, а оние што се сликале не можат да го добијат пасошите со недели, вели Кузеска. Од друга страна ДПМНЕ ги лаже граѓаните дека со законско решение може да се сменат обврски од меѓународен договор.
Така, според портпаролката на СДСМ, ДПМНЕ создава уште поголем проблем за граѓаните, пасошите да им важат само дома, кадешто не им требаат а да не важат во други држави, каде што им требаат.
Таа додаде и дека ДПМНЕ сака само да се прекрши Преспанскиот договор, а граѓаните и натаму да ги враќаат од граници, бидејќи законот ќе важи само во Македонија.
Така што, подвлекува Кузеска, наместо да се потсмеваат со граѓаните преку аматерски и неумешни счекеви на границите, пратениците на ДПМНЕ нека ги вратат дипломатските пасоши и нека го повикаат нивниот министер да си ја работи работата.