„Како Претседател на работната група за измени на изборниот законик не верувам дека ќе имаме целосно нов изборен законик до локалните избори. Процесот е сложен бидејќи има многу предлози од невладини, експерти, новинари, но, на крај има многу политика“, истакна државната советничка при Министерството за правда, Радица Лазареска Героска, на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Какви закони, такви избори“.
„Во работната група има претставници на политичките партии, покрај НВО, но процесот е заглавен, ние завршивме на 22 март, имавме 4 работни средби, една средба траеше цел месец. Секој учесник имаше право да даде мислење и предлози до работната група, дури и медиумите од ММА дадоа свое мислење.
Политиката си го прави своето. Во април имаше една измена на изборниот процес, се случи политички договор. Во сите агенди беше дека во мај требаше да се изгласаат измените на изборниот законик, но денес сме 12 мај и се уште не е изгласано никакво решение.
Ваков изборен законик е многу тежок за следење. Досега имавме 25 измени, во најава е 26-тата измена на изборниот законик“, нагласи Лазареска Героска.