ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи директно на штета на граѓаните на Република Северна Македонија, изјави на прес конференција Жаклина Лазаревска, пратеничка на СДСМ.
„Последен таков пример е одбивањето на пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, како претседател на Комисијата за труд и социјална политика да закаже седница на која ќе се расправа за Предлог-законот за измена на Законот за исплата на платите.
Со овој Предлог-закон се овозможува и вработените во високото образование, односно вработените во државните универзитети да го добијат покачувањето до 10 проценти, исто како и нивните колеги од основното и средното образование.
ВМРО-ДПМНЕ и Влатко Ѓорчев на директен начин попречуваат илјадници професори и вработени во високото образование да добијат покачување на платите од 10 проценти, кое им следува од 1 јануари оваа година и за што веќе се обезбедени пари во Буџетот“, изјави Лазаревска.
Лазаревска додаде дека доколку Предлог – законот не биде изгласан до распуштањето на Собранието, поради блокадата од ВМРО-ДПМНЕ, вработените во високото образование со месеци нема да можат да го добијат покачувањето на платите што им следува. Исто така, истакна таа дека со незакажување на Комисијата за труд и социјална политика Влатко Ѓорчев и ВМРО-ДПМНЕ ги блокираат и измените во законот за стечајци со што го блокираат решавањето на статусот на околу 50 стечајци од тиквешкиот регион.