пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Една од задачите на опозицијата е да критикува, да предупредува, да преиспитува, да нуди алтернативни решенија, едноставно – да биде на другиот крај на клацкалката што ја менува перспективата на гледање.
Демократската држава подразбира постоење опозиција која заедно со оние кои се на позиција ја создава целината на претставувањето на граѓаните и нивните различни потреби и интереси.
Тоа не значи дека опозицијата мора да критикува сѐ. Дека треба да оспорува сѐ. Дека треба да негира сѐ што ќе биде понудено од страна на оние кои во моментот се на власт.
Постојат нешта кои најверојатно и опозицијата доколку е на власт би ги направила на истоветен начин. Постојат активности кои ги прави власта и кои даваат добри резултати. Има ситуации кои едноставно не можат да бидат предвидени или превенирани. И постојат решенија кои ја надминуваат секоја од партиите поединечно и бараат заедничко делување на позицијата и на опозицијата.
Сѐ додека оние кои во моментот се наоѓаат во опозиција не го разберат ова, не може да стане збор за функционирање на државата како демократска.
Во моментот кога опозицијата ќе се впушти во неселективна, апсолутна и континуирана критика на секоја активност, на секој предлог и на секое решение кое што доаѓа од страна на владејачката гарнитура, таа сама себе се дезавуира. И престанува да биде политичка алтернатива за која граѓанинот би можел да се определи на наредните избори!
Посебно е смешна ситуацијата кога опозицијата критикува спроведување проекти и активности кои самата ги започнала (во некој претходен период), односно застапува и брани активности и проекти кои претходно ги критикувала. Уште посмешно е критикувањето отсуство на активност во области каде што денешната опозиција не презела ништо во време на сопственото владеење кога била во позиција да делува и да спроведува соодветни решенија. Или, кога опозицијата буквално ги препишува критиките што ѝ биле упатувани кога таа била на власт!??
Ова е карактеристично за сите политички партии кои се менуваат на власт во Северна Македонија во изминативе 27 години, меѓутоа, во примерот на ВМРО-ДПМНЕ ова е дополнително издигнато до ниво на апсурд со – отворено лажење. На пример измислените “факти“ за состанокот во Луксембург, или, “фактите“ за пописот, или… Тоа оневозможува граѓаните да добијат макар и приближна претстава за процесите на одлучување и за аргументите со кои се бараат одредени промени.
Во вакви услови, критиката станува потполно нерелевантна, дури и во случаите кога е на место и сосема издржана и исправна. Едноставно, по принципот на „лажливото овчарче“, граѓаните не веруваат кога ВМРО-ДПМНЕ вика „волк, волк“ и се случува да не реагираат тогаш кога волкот навистина ќе се појави.
Конзистентната, базирана на однапред поставена и доследно почитувана вредносна матрица, критика која нуди аргументи и решенија и која се претвора во активност кога опозицијата ќе дојде на власт е еден од реперите на демократијата и демократското управување со државата.
Она што во моментот го слушаме од собраниската говорница и во изјавите на партиските челници на опозицијата е едноставно и единствено фрлање кал на сѐ што прави власта.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.