Порталот Инфомакс објави лажна вест со дезинформација дека професор во САД е уапсен затоа што го „продал“ коронавирусот на Кина.
Во текстот на Инфомакс, со „ШОКАНТНО“ во насловот, се „информира“ дека ФБИ го уапсило професорот на Универзитетот Харвард, извесен Чарлс Либер, и еден Кинез затоа што и го продале корона вирусот на Кина! Федералното истражно биро, според Инфомакс, трага по уште еден Кинез за истиот случај. ФБИ навистина уапсило научник од Харвард. Но, не за коронавирусот.
Веста не само што не се потпира на ниту една официјална изјава или извор за тврдењето во насловот или за тезата на текстот, туку манипулира со различни, неповрзани вести, од кои комбинира противречна приказна: вест за апсење на научник поради врски со Кина, но без никаква поврзаност ниту со корона, ниту со каков било друг вирус. Покрај тоа, ваквата „комбинирана“, лажна вест веќе кружеше во медиуми во други земји и веднаш беше демантирана од светски сервиси за верификација на факти како Factcheck.org, India today и други.
Инфомакс, не само со насловот, туку и во целата содржина се обидува да манипулира со информациите од два видео клипа, објавени од американски медиуми.
„Професор на универзитетот Харвард, Чарлс Либер (60) и еден Кинез се уапсени во Америка, а ФБИ објави дека тие го продале коронавирусот нао кинеската држава трагаат по уште еден Кинез.
– САД штотуку открија дека имаат човек што го направил и продал коронавирусот на Кина. Д-р Либер, раководител на одделот за хемија и биологија на универзитетот Харвард е уапсен – објавија директори на ФБИ во изјава за нацијата”, пишува Инфомакс.
Истражување на проверувачите на факти
„Шокантната“ приказна започнува кога некој на Фејсбук го објавил видеото преземено од американски медиуми, ставајќи му наслов “САД тукушто го откриле човекот кој го создал коронавирусот и и го продал на Кина. Др. Charles Lieber, раководител на одделот за хемија и биологија во Харвард Универзитет, САД. Тој тукушто беше уапсен денес, тврдат извори на одделот.”
Но, „веста“ брзо беше демантирана.
„India Today Anti Fake News War Room (AFWA) го прогласи ова тврдење дека е погрешен заклучок. Д-р Чарлс Либер беше уапсен во јануари 2020 година за давање лажен исказ пред американските сојузни власти за средства што, наводно, ги добил од кинеската влада. Неговото апсење нема врска со коронавирусот“, пренесува India Today.
Вистината приказна за апсењето на Д-р Чарлс Либер
„Д-р Чарлс Либер е нано научник и нема врска со коронавирус. Веста за неговото апсење беше објавена од главните американски медиуми. Според „Њујорк Тајмс“, професорот од Харвард бил обвинет за прикривање на финансиски трансакции од Кина. Тој не бил уапсен за шпионирање или обвинет дека испратил некакви сензитивни информации во Кина“, пишува India Today.
Научникот, според India Today бил уапсен во јануари 2020 година од американските сојузни власти за „давање материјално лажна, фиктивна изјава“ за средства што ги добил од Кина.
Според изјавата на Министерството за правда на САД, на 28 јануари 2020 година, тој работел како главен истражител на истражувачката група „Либер“ на универзитетот Харвард, која е специјализирана за нано наука, добил повеќе од 15 милиони американски долари грантови од Националниот институт за здравство (NIH) и Министерството за одбрана (ДОД).
Во рамки на административната процедура за овие грантови, биле спроведени истраги за конфликт на интереси со финансирање од странство, вклучувајќи и финансиска поддршка од странски влади или странски субјекти.
Но, д-р Либер исто така бил „стратешки научник“ на Вуханскиот универзитет за технологија (ВУТ) во Кина, и надворешен соработник на кинескиот проект „План за илјадници таленти“, и добил голема сума пари од кинеската влада. Наводно, тој ги чувал овие информации како тајни и не го информирал ниту универзитетот Харвард, ниту американските власти.
„Планот за илјадници таленти“ е една од најистакнатите програми во Кин,а наменета за привлекување и регрутирање на странски таленти и странски експерти за придонес во кинескиот научен развој.
Точно е дека д-р Чарлс Либер, професор на Харвард, бил уапсен од федералните власти на САД за прикривање на фактот дека добил огромни пари од кинеската влада и работел како „стратешки научник“ на кинескиот универзитет за технологија во Вухан. Но, американските власти не пронајдоа никаква поврзаност на д-р Либер со коронавирусот.
Сервисот за верификација на факти во медиумите FactCheck.org со директен одговор
И FactCheck.org одговорија на прашањето -Дали е вистина дека федералните агенти го уапсиле професорот од Харвард Чарлс Либер за создавање на коронавирус?
„Не. Либер, нано-научник, беше обвинет за лажење за учеството во кинеска програма за вработување и поврзаност со кинески универзитет. Тој не е обвинет за шпион и нема врска со новиот коронавирус“, заклучува светскиот сервис за верификација на факти во медиумите.
Арбен Зеќири
Ангела Петровска