На неколку портали и национални телевизии се прошири лажна вест за наводна забрана за влез во Грција за жителите на неколку македонски општини како што се Тетово, Чаир, Сарај, Бутел, Арачиново, Липково, Куманово, Теарце, Студеничани и Шуто Оризари.
Лажната вест се повикува на соопштение на грчкото МНР, чијшто принтскрин масовно се споделува и на социјалните мрежи. Лажното соопштение е напишано на грчки јазик и писмо освен имињата на македонските општини кои се напишани на латиница.
На официјалната страна на грчкото МНР вакво соопштение воопшто и не постои. Во единственото официјално соопштение кое се однесува на отворањето на границите со соседните земји стои дека копнените гранични премини меѓу Грција и соседните Албанија, Северна Македонија и Бугарија ќе бидат отворени на 15 јуни. Посетителите ќе бидат подложени на тестирања при пристигнувањето.
Дека се работи за уште една во низата лажни вести потврдува и македонското МНР.