ЦИВИЛ МЕДИА следејќи ги актуелните состојби со македонско – бугарските односи, особено со ветото на Бугарија за отпочнување на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ, одлучи да ги контактира локалните медиуми со цел појасна слика како се доживува целата ситуација на локално ниво.
Во очекување на одговори од другите локални медиуми, го пренесуваме одговорот на Лазо Димитров, одговорен уредник на ТРД „Телевизија Кочани“ ЛД, на прашањето за на Бугарија и нејзиното вето за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ.
„Сметам дека Бугарија се става себе си, а и нас, во позиција, како да преговараме за некаков билатерален сојуз, меѓу неа и РСМ, надвор од ЕУ, што е необјективен аспект на вкупните Европски процеси. Тоа веќе го видоа и веќе реагираат во водечките демократии во Европската Унија, и затоа сметам дека Бугарија ќе си изнајде оправдувачка платформа, самата да отстапи од условувањата, кои по секој основ се контрапродуктивни. Дури сметам дека Бугарија со ветото, барем формално, ја стави ЕУ на страната на РСМ, и воедно ја доведе во ситуација да се изнајдат начини, европскиот интерес да се стави над оној на една членка. И тоа ќе се случува релативно брзо.
Тоа што не смее да се случува сега, и во иднина, се неодмерените препукувања од аспект на тоа кој е попаметен, а кој подрзок, особено од наша страна, бидејќи се навлекуваме на тенок лед, кој ни го сервираат дел од Бугарските политичари, за да видат тие и другите, дека не сме ги заборавиле меѓусебните антагонистички (не)разбирања од времето на социјализмот. Ситуацијата и времето, бараат мудрост и трпение“, изјави Димитров од ТВ Кочани ЛД.
Б. Ј.