Политичката партија Левица денеска до ДИК поднесе предлог за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување задолжителен дополнителен референдум на референдумско прашање: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година“.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, изјави дека не очекува денеска поднесената иницијатива да има проблеми како што беше случај со претходната на ВМРО-ДПМНЕ.
„Иницијативата е правно коректно напишана согласно член 24 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните“, рече Апасиев.
Апасиев рече дека не очекува претседателот на собранието Талат Џафери да ја прогласи и оваа иницијатива за неуставна, затоа што, според Апасиев,тој нема такви ингеренции.
Левица очекува до крајот на неделата да бидат собрани законскиот минимум.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на прес конференција истакна дека не би говорел на тема иницијативата за референдум на политичката партија Левица. Според него, иницијативата би требало прво да пристигне во Собранието.
„Нека дојде во парламент, па ќе коментираме“, порача Мицкоски
Од СДСМ сметаат дека иницијативата за референдум потврдува дека Левица и ВМРО-ДПМНЕ се кочничари на евроинтеграциите
„Јас сепак би оставила изјавата односно предлогот за референдум на Левица да стигне до Собранието и официјално да дојде пред нас пратениците, да го разгледаме нивното прашање за референдумот и дури тогаш да го дадеме нашето мислење“, одговори на новинарско прашање пратеничката на СДСМ, Лидија Тасевска.
Според неа, останува неспорен фактор дека Левица заедно со ВМРО-ДПМНЕ се најголемите кочничари на евроинтегративните процеси на државата.
„Овој предлог за референдум и претходниот што беше на ВМРО-ДПМНЕ тоа недвосмислено го покажуваат“, изјави Тасевска.
М.Д.