Со распишувањето на изборите почнуваат да важат строги рокови и обврски за институциите, партиите и медиумите. Државната изборна комисија истиот ден, 9 август, го објави и роковникот по кој ќе се следи изборниот процес заклучно со конечните резултати од гласањето.
Јавни фондови и правни лица со државен капитал
Во рок од 10 дена од одлуката за распишување избори мора да достават податоци до ДКСК за број, вид, регистарска таблица и возна состојба на моторните возила. Податоците се доставуваат електронски, на образец пропишан од ДИК, најдоцна до 18 август, 24:00 часот.
ДКСК го објавува регистарот на својата веб-страница. Непочитување на рокот носи покренување прекршочна постапка во рок од 15 дена.
Формирање на избирачки одбори (ИО)
ДИК бара од најголемите партии од власта и опозицијата да достават предлози за членови и заменици за формирање ИО, најдоцна до 1 септември. Партиите имаат рок од 5 дена по добивањето на известувањето за доставување на предлозите до ОИК.
Обврски за медиумите
Радиодифузери, печатени медиуми и интернет портали, во рок од 5 дена од распишувањето на изборите, мора да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање.
Ценовниците не смеат да се менуваат до крајот на изборниот процес. Печатени и интернет медиуми ги доставуваат до ДИК, ДЗР и ДКСК, радиодифузерите до ААВМУ, ДИК, ДЗР и ДКСК. Рок за доставување е 14 август, 24:00 часот.
ДИК е должна до 24 август да ги објави ценовниците на својата веб-страница.
Ако се утврдат неправилности, медиумите имаат 72 часа за корекција, во спротивно губат право за политичко рекламирање. До почеток на кампањата, ценовниците мора да бидат јавно објавени најмалку двапати.