Овогодинешните прослави за месецот на гордоста ја одбележуваат 50 годишнината од немирите во Стоунвол, кои често се сметаат за „раѓањето“ на модерното движење за правата на ЛГБТК+ заедницата.
Првата парада на гордоста се одржала една година по немирите, на 28 јуни, 1970 година, во САД, поточно Њујорк. За тоа време, идејата дека ЛГБТК+ луѓето ќе маршираат низ улиците на Њујорк, гордо, објавувајќи ја својата гордост и љубов е револуционерна.
ЛГБТк+ заедниците организираат движења за граѓански права кои ги промовираат ЛГБТК+ правата на различни места во светот. Сите луѓе се родени еднакви и на никој не треба да му се забрани правото да биде тоа што е!
Во Македонија оваа година за прв пат ќе се одржи Парада на гордоста, на 29 јуни, која ќе започне од паркот Жена борец, во 12 часот и ќе се движи кон Градскиот парк. За разлика од кај нас, нашите соседи нè „претркаа“ во славење на гордоста. Па така, Грција првата парада ја имаше во 2005 година, Бугарија во 2008 година, Словенија и Србија во 2001, Хрватска во 2002, Албанија во 2012, Косово во 2017, Црна Гора во 2013 година. Единствена држава од Балканот која остана со Македонија и ќе има парада за прв пат оваа година е Босна и Херцеговина.
По објавите за првата Парада на гордоста во Скопје, социјалните мрежи беа преполнети со коментари полни со говор на омраза и хомофобија…
Кочо Андоновски, еден од организациониот одбор на Парадата, изјави дека и покрај тоа, тие добиле голема поддршка.
,,Откако објавивме дека ќе го одржиме првиот Скопје Прајд, евидентни беа обидите со омраза да се засени пораката за еднаквост и да се потцени можноста за зголемување на свесноста за хомофобијата, трансфобијата и бифобијата. Но и покрај тоа, добивме голема поддршка и многумина нè контактираат да ни кажат дека ќе дојдат со нас на 29-ти јуни, да го изодиме маршот – во спомен на сите борци за човековите права на ЛГБТИ заедницата во минатото, со поддршка на сите маргинализирани групи и борци за човековите права во оваа дестабилизирана сегашност и со идеја за општество каде сите ќе се еднакви – за идните генерации“, изјави Андоновски.
Антонио Михајлов изјави дека во организацијата на Парадата на гордоста ја имаат и поддршката од извршната и законодавната власт, дека имаат најава дека дел од министрите и пратениците ќе учествуваат на самиот настан.
„Нашите пријатели и пријателки – активистите и активистките за ЛГБТИ права од Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора исто така ќе учествуваат, а дел од нив и ќе се обратат на насобраните присутни во Градски парк. Скопје Прајд е сигурен и безбеден настан за сите, па ги повикувам ЛГБТИ луѓето, поддржувачите, и сите граѓани и граѓанки кои се залагаат за еднаквост и инклузивност, да ни се придружат“,додаде Михајлов.
На крајната точка, Школка во Градски парк, ќе настапат дрег кралиците Линда Социјалиста и Каја Мор. Покрај предвидените обраќања, ќе има и музичка програма во која ќе учествуваат Тамара Тодевска, Принцез Донатсу и диџеите Ивана Драгшиќ, Зоки Бејбе, Ири Скреч, Ана Мало и Узун Баба.
А. Петровска