Сте чуле ли за Стивен Пинкер?
Не!
Нормално дека не сте чуле кога по цел ден слушате за бабата на Тодор Александров.
Онаа од пред сто години или ова што сака да биде претседателка, а не знае на која држава.
Велат дека се работи за иста баба.
Или не можете да се симнете од дебатните и таканаречени информативни емисии, во кои чуварите на затворот ви ја шутираат под вратата на ќелијата дневната порција говна.
Ве совладува фасцинацијата од модерните дибеци кои зад секој агол чекаат да ве треснат со плаката на катастрофата и да ви ја однесат нормалноста на сексање во некој подрум.
Човекот е професор на одделението за психологија на Харвард. Еден е од стоте највлијателни научници во историјата (Енциклопедија Британика). Критичар на постмодернизмот и филозоф на оптимизмот. Не знам како попросто може да им се претстави овој исклучителен ум на луѓето кои чувствуваат презир кон модерноста и знаењето. Но, вреди да се обидеме. За другите не се секирам. Многу негови ставови сум споделувал и пред да имам увид во неговото дело. Мојата катастрофичност е оптимистична, а разликата меѓу перцепцијата и стварноста, има урамнотежувачки, а не разорувачки карактер. Макар што на ограничените умови, можеби, тоа нема да им изгледа така. Во таа смисла чувствувам некаква сатисфакција, па дури и право, да ги пренесам тука клучните ставови на Пинкер од последното интервју што пред неколку дена го објави загрепски “Јутарњи лист”.
Еве ја, значи, таа, пинкертонска, би рекол, мочка врз жарчето на катастрофичноста во кое секоја секунда дуваат чипираните идиоти на вмро-дпмне. И не само тие. Имаме ние и идиоти кои воопшто не се чипирани. Тие се органски идиоти, идиоти во својата природна димензија, многу добро распоредени на фронтот против здравиот разум и иднината: политичари, професори, новинари, уредници, попови, оџи и естрадни ѕвезди, комети и метеори.
Секој недостаток на нешто не е криза. Меѓу интелектуалците, да речеме, постои тенденција секој нерешен проблем да го дефинираат како “симптом на болното општество”, а секое отстапување, како симптом на “гангрена во јадрото”.
Човек не може да не се запраша над таквата бездна меѓу културниот песимизам и објективната стварност. Јавноста се перципира полоша отколку што е. Се разбира, има делови од општеството кои навистина живеат во сиромашни околности, но погрешно е кога тие околности ги пренесуваме како општа состојба, кога целата земја се смета за очајна, тоа, просто, не е вистина.
Таквите форми го прават напредокот инхерентно невидлив, а од политички аспект, луѓето ги фрлаат во прегратките на популистичките елити. Тие, просто, погрешни разбирања на националните трендови, произведуваат бирачки обрасци кои некритички ги напаѓаат институциите, го засилуваат културниот песимизам дури и кога податоците покажуваат подобрување на глобалните човечки потенцијали. Развиваме лажни теории за светот, лажни вести, често поттикнати и од новинарството на катастрофата, насилствата и несреќите ги опишуваме како њусворти.
Според тоа, секоја идеја за револуционерни политички пресврти, леви или десни, во суштина е залуден и преџвакан импулс кој влече корени од класичните антипросветителски идеи.
Секое избегнување на целосната ентропија, на мрачните сили на човековата природа, секое избегнување на рамнодушноста спрема општата добробит, би требало да го славиме како мала победа на човековата генијалност и емпатија.
Западната цивилизација не е на работ на колапсот, не е патријархална, не е расистичка, не е сексистичка и не е експлоататорска.
Обратно, побогати сме од кога и да е во историјата, стапката на сиромаштвото во неколку десетилетија е десеткувана на помалку од десет отсто и е во константно опаѓање, стапката на глобалната писменост е десеткратно золемена и денес 85 отсто од светската популација се писмени, животниот век во општиот просек е зголемен од 31 на 71 години, родната еднаквост никогаш не била поеднаква и воопшто живееме во најдбрите можни времиња.
Одговорноста за ваквото стероидно подобрување лежи во зграпчувањето на идејата на просветителството односно во сфаќањето дека процутот на нашата врста може да се оствари единствено ако знаењето, разумот и науката, заедно со моралните кодови на хуманизмот, ги дефинираме како носечки цивилизациски столбови.
Како ви се допаѓа ова?!
Сѐ ми се чини дека ќе ве разочара.
Или, сепак, се лажам?
Пинкер ги чисти труповите што политиката ви рекла дека ќе ги најдете зад масакрот што ви го направила. Жртви има, се разбира, но ова дефинитивно не е масакр.
Прва в очи ми падна оценката за бездната меѓу културниот песимизам и објективната стварност. Културниот песимизам, кој како проекција и како состојба на моќта, ја деградира стварноста многу под нивото на нејзината објективност, произведува резигнација и очајување и во таков сооднос во каков е, да речеме, во Македонија, е крајно деструктивна, да не речам самоубиствена, категорија.
На сите капитални теми, стварноста е многу над детекциите и проекциите на културниот песимизам. Таа е значително подобра отколку што се перципира.
Самата конституција на Македонија е бинго на неверојатниот сплет од историски околности во кои, се разбира, влегуваат и македонската борба и македонските жртви, но тој подвиг, и во 1944 и во 1991, сосема сигурно, е над реалниот удел на локалните сили. Второ, таа конституција не е извршена врз парче од целокупна Македонија, туку врз територијата која имала смисла во дадениот геополитички и национален контекст. Според тоа, таа не претставува изневерување на таканаречениот интегрален македонизам, туку тој интегрален македонизам е феномен кој се закануваше и сѐ уште се заканува да го растури единствениот државен потфат со македонска национална вертикала, всадувајќи ни го комплексот на жртва. Трето, сите адаптации на независна Република Македонија од Уставот, преку Рамковниот договор, Договорот со Бугарија и, особено, Договорот од Преспа, не се никакво осипување на македонската компонента во конституцијата, туку нејзино засилување преку крајно природното и неопходно хармонизирање на државата и на општеството, прво со себе, преку средување на меѓунационалните односи и прерогативи, а потоа и со соседите и со светот. Трето, ние имавме основа да се бориме за револуционерен пресврт кога државата беше киднапирана од една злосторничка инсталација, предводена од една фамилија, но резултатите од таа револуција и неуспешниот обид за контрареволуција, ја покажуваат исправноста на тезата на Пинкер, дека идејата за револуционерни пресврти е преџвакана работа и дека подобрувања се можни само со притисоци, трпеливост и напорен труд. И стварноста под власта на Заев е многу над субјективната перцепција што се шири низ јавниот дискурс. Меѓу другото и затоа што таа власт не знае квалитетно да ја комуницира јавноста. Се разбира, јас не сакам да кажам дека таа власт не прави глупости и штети, најмалку, пак, дека треба да ја штедиме со критики, но, кога критиките го прават „инхерентно непрепознатлив општиот напредок“, тоа е штета која произведува „обрасци кои луѓето ги фрлаат во прегратките на популистичките елити“.
Тепихот од бомби на кој секојдневно е изложен институционалниот поредок, е многу над нивото што го заслужуваат деформираните институции, а општиот дискурс е конструкт кој зад себе остава катастрофа, а пред себе гледа потврда дека катастрофичноста била оправдана. Агресијата врз СЈО не може да си ја дозволи ниту едно цивилизирано општество. Од страна на злосторниците, таа агресија е разбирлива, но од страна на светот кој се смета за слободен и општествено одговорен, тоа е најголемата можна свињарија, можеби, пострашна од злото на криминалците. Неверојатната левтерност, потценување или дури напаѓање на капиталните проекти и непосредни резултати во евроинтеграциите, е највозбудлив аспект на таа бездна меѓу културниот песимизам и објективната стварност. Дури и таканаречениот обичен живот, со сите беди и сиромаштии на пошироката периферија, е над влогот што го внесуваат граѓаните, Македонците, посебно. Односно тие живеат многу над нивото на своите заслуги.
Да заклучам во пинкертонски стил: никогаш не треба да заборавиме дека сме мрсулот на Историјата што капнал тука кога женската имала 39 со 8 и потоа, во разни интеракции, се развил во едно фино државиче во кое, во релативна смисла, квалитетот на животот е најдобар во Европа. Можеби и во светот. Никаде за помалку труд, за помалку знаење и за помалку култура, не се добива повеќе живот. Појдовната основа на нашите критики и на желбата за промени мора да биде среќата што воопшто постоиме, што нѐ има и што живееме вака како што живееме. За повеќе, ќе треба да се помачиме, да се промениме, да се култивираме… И да научиме да се срамиме од тоа што сме одбрале еден феномен каков што е вмро, со сета своја историја и актуелност, да ни ги диктира животите и перспективите во 21. век. Пичка им бабина!
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.