пишува: КОСТА СТОИМЕНОВСКИ
(Според Авторот, овој напис бил доставен до македонските медиуми три дена по Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, но, за жал, ниеден медиум не го објавил. Редакцијата смета дека е важно да се знаат сите аспекти на овој децениски процес, особено )
Ветото со кое ја спречи поканата на Македонија за членство во НАТО, Грција го толкуваше и со познатата реторика за „опасноста од иредентизам на нејзиниот северен сосед“! При тоа, Грција мошне вешто користеше некои нетактички гафови, грешки и недоволно промислени постапки што ги направи македонската страна во последните неколку години! На македонската и на светската јавност мошне добро им е познато дека, токму на инсистирање на Грција, Македонија беше приморана да прави корекции во својот Устав, само два месеци по неговото усвојување!
Со промените што беа направени во почетокот на 1992 година, во Уставот на Република Македонија беше додаден нов член со кој таа гарантира дека нема територијални претензии кон која било соседна земја и битно го промени членот во кој се зборува за грижата за македонското национално малцинство во соседните земји и за Македонците во дијаспората. Со цел дефинитивно одземање на можноста Грција и натаму да го користи адутот за „опасноста од иредентизам на нејзиниот северен сосед“, Македонија би требало итно да и предложи на Грција потпишување на Договор за пријателство и соработка, кој, по усвојувањето од двете страни, би бил депониран во ООН, во НАТО и во ЕУ!
Впечаток е дека цврстата определба на Грција да стави вето на поканата на Македонија за зачленување во НАТО е мотивирана првенствено од желбата за реванш поради ирационалната, непотребна и контрапродуктивна победничка еуфорија што, во последните неколку години, се создаваше во Македонија, посебно со триумфалистичките изјави на највисоките македонски политичари на митингот што се одржа по признавањето на името Република Македонија од страна на САД и со апсурдните тврдења на некои македонски политичари дека „проблемот со името е проблем само на Грција“ исл.
Само наивен и неискусен политичар може(ше) да верува дека нарцисоидните Грци ќе ја проголтаат оваа „кнедла“! И покрај своите ирационални барања, Грците во никој случај не би дозволиле да бидат победени од една ефемерна и „проблематична“ држава каква што е Македонија! Тоа најдобро го демонстрира грчката министерка за надворешни работи, Дора Бакојани со изјавата што ја даде на прес конференцијата на Самитот на НАТО во Букурешт во врска со ветото за поканата на Македонија за зачленување во Северно-атланската Алијанса:
„Одлуката за тоа (неупатувањето покана на РМ – б.а.) е содржана во Заедничкото соопштение на сите земји-членки на НАТО“, како и дека околу ова прашање (спорот околу името – б.а.) „НЕМА НИ ПОБЕДНИЦИ, НИ ПОБЕДЕНИ“!?
Го нокаутираш противникот, а потоа тврдиш дека нема ни победник ни поразен!? Цинизам, одмазда, казна или мудра дипломатија? Иако во изјавата на грчката министерка за надворешни работи има по нешто од сите наведени претпоставки, истата може да се оквалификува првенствено како израз на вешта и мудра дипломатија! Иако нашите „дипломати“ беа всушност само спаринг-партнер на искусната и вешта грчка дипломатија, тие се самопрогласуваа за „победници“ дури и пред да излезат на „рингот“, заборавајќи, притоа, дека Платформата на САД, која послужи како основа за постигнување на Времената спогодба содржеше одредба, која предвидува(ше) дека при решавањето на спорот околу името на нашата држава „НЕ СМЕЕ ДА ИМА НИ ПОБЕДНИК, НИ ПОРАЗЕН“!
По „вакуумот“ што се случи со неупатувањето на покана на Македонија за зачленување во НАТО, нормално би можело да се очекува дека сите инволвирани и заинтересирани страни ќе направат подробна анализа на „случајот“ и ќе пристапат кон подготовка на платформи за нивното натамошно дејствување.
Што би требало да прави и како да постапува и дејствува Македонија во наредниот период?
1) Имајќи предвид дека проблемот со името на нашата држава треба да се решава во рамките на ООН, Македонија би требало итно да подготви Нота која ќе ја врачи на Генералниот секретар на ООН, Бан Ки Мун, со апел истата да биде проследена до Советот за безбедност и до сите земји членки на ООН. Во Нотата треба да се изрази незадоволство поради определбата на Грција да не ги почитува одредбите од Времената спогодба, посебно онаа која се однесува на непреченото зачленување на Македонија во меѓународните организации, потоа да се наведе што се Македонија досега направила во врска со решавањето на проблемот со името, да укаже на последиците кои би можеле да уследат поради ваквото однесување на Грција, како и да побара надлежните органи на ООН да се изјаснат и да заземаат став во врска со спорот меѓу Република Македониј и Република Грција. Во Нотата би требало да се изрази подготвеност на Македонија за потпишување на Договор за пријателство и соработка со Грција, во кој, покрај останатото, ќе биде содржана и одредба за непостоење на територијални претензии од едната или другата страна.
2) Со предлозите и мислењата на некои наши правни експерти за покренување на судски спор при Меѓународниот Суд во Хаг треба да се постапува внимателно!
3) При подготвувањето на Платформата за нашето натамошно постапување околу решавањето на проблемот со Грција околу името на нашата држава треба посебно да се имаат предвид следните факти, состојби и аргументи: 1. (не)заинтересираноста на Македонија за членство во НАТО и ЕУ и 2. привилегираната позиција на Грција, која како членка на ЕУ и НАТО може битно да влијае на (не)зачленувањето на Македонија во овие организации. Нималку не се случајни добронамерните и/ли помалку добронамерните предупредувања на бројни меѓународни фактори дека за проблемот со Грција околу името на нашата држава треба да се најде решение, односно да се постигне компромис. Имајќи предвид дека компромисот значи отстапки на двете страни, Македонија, се разбира доколку се определи за компромисно решавање на проблемот, би требало да прифати сложено име (со додавка или со придавка), кое всушност би требало да биде замена за привременото име ПЈРМ (FYROM), а кое би се употребувало на ист начин и во ист обем како и спомнатата референца, додека Грција би ја прифатила реалноста за постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик и се обврзува дека во иднина нема да ги оспорува овие реалности!
Скопје, 9 април 2008 година
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.
Белешка од Редакцијата: Авторот, Коста Стоименовски, достави повеќе текстови до Редакција ЦИВИЛ Медиаод кои неколку веќе се објавувени. Првиот текст ни беше испратен веднаш по најавата за иницијативата #КрајЗаРасипништвото што ја поведе ЦИВИЛ.