Инвеститорот Никола Толески во 2016 почнал да гради хотелче во Лагадин. Мало, „обично објектче“ со 8 соби (ваљда се собички штом е објектче) и 9 апартмани (апартманчиња де), колку да си го прехрани семејството.
Му се сипнале на скромниот бизнисмен оние досадните екологисти-објектот ги кршел сите прописи за заштита на човековата средина. Демек, голем проблем било што гради во заштитен појас од 50 метри од езерото, каде што градење не е дозволено. Глупештии.
Па му се сипнале завидливите и злобни и утврдиле дека со градбата прекршил 12 закони и еден подзаконски акт. Демек. Голема работа, де.
Па му се сипнала и општинската организација на, тогаш опозициската СДСМ и побарала „од локалната власт во Охрид предводена од неодговорни политичари, веднаш да престане да го уништува и загрозува природно наследство“.
Море и оние странчиштата од УНЕСКО биле против него, се зафалиле дека ќе го избришат Охрид од списокот на заштитени светски природни богатства ако се наруши природата.
Подлегнала општината под притисокот на сите тие глупави аргументи и глупави законите и му ја сопрела градбата.
И? Остана чоекот недоизграден. А толку сака да ја почне сезонава со изграден проект.
Граѓанинот Никола наоѓа надеж. Се допишува со (супер)човекот од кој бара спас. Знае Никола какви се адетите кај нас во државата. Стигна ли до вистинскиот човек и невозможното ќе стане возможно. Го информира дека некој злобен инспектор нашол „правна зврчка“ за стопирање и ја стопирал градбата само затоа што тој, како инвеститор, „не информирал на време за почетокот на градбата“. Навистина тривијална причина за стопирање. И решава (супер)човекот да му помогне. Затоа што негова мисија е да им помага на граѓаните.
Среќниот расплет:
Долетува Зупермен во Охрид.
(Камерата снима. Летањето снимено.
Камерата се доближува. Крупен кадар за да ја долови благородноста на ликот.)
Ја ислушува Зупермен трагичната приказна на Никола.
Лицето во грч од болка предизвикана од сочувство за тажната судбина на скромниот, обичен граѓанин Никола.
(Кадарот уште покрупен.)
Извикува:
„Не плачи Никола, јас сум Зупермен. Носам живот за сите!“
(Камерата насочена кон чичко Никола. Неговиот тажен, полн со болка и надеж за спас поглед, во крупен план.
Се пренасочува крупниот план кон Зупермен.)
Го крева Зупермен мобилниот и вели:
„Ало Миле. Абе, ми текна нешто. Добро бе, не Миле, Сугаре, се смешав. За оној чичко Никола од Лагадин те барам. Одма дозвола за градба да сте му издале! Дури и да постои правно-формален аспект во Одделението за урбанизам, не може ‘не бива’. Не може најлесно да биде ‘не’. Ќе најдат начин како да биде ‘да’. Ако треба, ќе ја земам под раце Второстепената комисија и ќе дојдат тука и ќе го решиме до крај. Ај да не ви долетам таму, ушите ќе ви ѕунат три дена од заушките што ќе ви ги опнам.“
Го става мобилниот во хеланките и одлетува. Публиката еуфорично им аплаудира на супермоќите.
(Камерата драматично го снима неговиот лет од историјата. Музиката тажна…)
Чекај!
Заборава, или не знае, Зупермен дека „правните зврчки“ се 12 прекршени закони? Дека „објектчето“ се гради на 50 метри од обалата, во зона каде е забранета градба. Дека дозволата за градба е издадена од „локалната власт во Охрид предводена од неодговорни политичари, која го уништува и загрозува природно наследство“, што можеби е показател за вмешаност на чичко Никола во корупциски скандал при издавањето. Па, можеби вистинското прашање е дали има „правна зврчка“ за стопирањето или имало при издавањето на дозволата. Заборава или не ги знае аргументите на екологистите за заштита на природата и природното богатство на охридското крајбрежје. Заборава на реакцијата од УНЕСКО.
Убаво е да им се помага на граѓаните. Па дури и секому поединечно во остварување на сопствената благосостојба. Но, некогаш треба општото добро и интерес да се стави пред поединечното.
Да не смешав јас некои работи?
Ова со мобилниот да не беше од филмот „Бетмен во Стајковци“?
Нема врска. Кој сака, сам нека си ги најде трите разлики во филмовите.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО ВО ЦЕЛОСТ, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.