Во пресрет на локалните избори, двете најголеми партии од македонскиот блок – владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ настапуваат со остри кампањи кои го мобилизираат своето членство, но и ја продлабочуваат поларизацијата во јавноста, истовремено создавајќи атмосфера при што граѓаните стануваат мета на негативна кампања, дезинформации, говор на омраза и манипулации.
Според анализата на Драган Мишев „Македонскиот политички кампус во пресрет на локалните избори: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во вечен судир на спротивставени наративи,“ наративите кои преовладуваат во пресрет на локалните избори се јасни – ВМРО-ДПМНЕ се претставува како партија што ја обновува државата и ја враќа стабилноста, со зачувување на македонскиот идентитет, јазик, додека СДСМ се позиционира како гарант на демократијата и европскиот курс за кој сметаат дека е загрозен.
И двете страни користат блиски медиуми за ширење негативни наративи, при што често се мешаат факти со шпекулации кои само го продлабочат јазот меѓу и онака поделеното гласачко тело.
Предизборна атмосфера на терен веќе е поларизирана, со остри препукувања на митинзи, медиумски настапи и особено на социјалните мрежи. Кампањата е повеќе насочена кон мобилизација на сопственото членство отколку кон освојување на неопределените гласачи.
Јавниот дискурс е преполн со навреди, етикети и демонизација на противникот со користње термини како „предавници“, „патриоти“, „мафијаши“ и „непријатели на државата“, лични дисквалификации на кандидатите, со што се создава атмосфера на непријателство, наместо натпревар на идеи.
Говорот на омраза особено ескалира на социјалните мрежи, каде што армиите на партиски симпатизери и ботови ја засилуваат агресивната реторика и придонесуваат за дезинформациски хаос.
Локалните избори, иако формално се однесуваат на општинските политики, повторно се претвораат во национален политички тест и битка за доминација на големите партии. Наместо натпревар во визии за локален развој, кампањата се претвори во борба за симболичка доминација, во која секоја страна ја прикажува другата како егзистенцијална закана. Доминираат негативната кампања, дезинформациите и говорот на омраза, што ја поткопува довербата на граѓаните и ја редуцира можноста за суштинска дебата за иднината на општините.