пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Етницитетот е социокултурен конструкт. Припадноста на етничката заедница/група не се наследува и не е поврзанa со никакви биолошки прерогативи, туку се учи. Луѓето се чувствуваат блиски по јазикот, обичаите, традицијата, уверувањата, ритуалите и се идентификуваат како посебна група која, по еден или повеќе основи, се разликува од други групи луѓе.
Може да има етнички групи без постоење нација. И тоа не ја намалува себесвесноста и посебноста на овие групи (Роми, Власи…). И може да има етнички групи кои решиле да се перципираат како поинакви независно од блискоста со друга етничка група (Австријци).
Јас, Македонка, сум дел од македонската етничка заедница со која ме поврзуваат повеќе елементи кои се обликувале со стотици години наназад, се пренесувале од поколение на поколение и се дел од првите сознанија за пошироката заедница чиј дел е семејството во кое сум израснала.
Јас, како Македонка, не очекувам ништо од мојата етничка група и не ѝ должам ништо на мојата етничка група. Ја прифаќам или не ја прифаќам по слободен избор.
Во исто време, мене, како на Македонка, никој не може да ми каже како да се перципирам, да ми забрани да се идентификувам како Македонска или да ми ограничи да бидам дел од етничка заедница која себе се перципира како македонска.
Едноставно, тоа е субјективен однос кој не ограничува ничии права и кој е дел од основните права и слободи на секоја индивидуа.
Нацијата е политички конструкт. Таа е поврзана со државата и улогата која државата ја игра во обезбедувањето на благосостојбата на граѓаните, заштитата на нивните права и регулирањето на меѓусебните односи на индивидуите и на групите во таа држава. Нацијата е составена од индивидуи кои се групирани на различен начин. Нацијата е составена од луѓе со различно потекло, различни религии, различни култури. Исцртувањето на границите на националните држави е направено во различни периоди и под различни околности и тие никогаш не се однесуваат само на една етничка група.
Може да има нации без идентификување со една мнозинска етничка група и тоа не ја намалува стабилноста и објективното постоење на таа нација (Швајцарци, Американци…).
Јас, по националност жител на Северна Македонија, сум дел од конкретна политичка структура која е формирана во одреден период на одредена територија на која се формира заедница од луѓе кои припаѓаат на различни етнички групи кои во моментот на формирање на политичката структура живеат на одредена територија. Припадноста на една нација не значи претопување во еден казан и губење на етничките карактеристики, туку градење повеќеслоен идентитет кој е дел од комплексот идентитети на секоја индивидуа.
Јас, по националност жител на Северна Македонија, прифаќам одредени правила на однесување, имам права и обврски и сум ограничена со регулативата која се воспоставува во рамките на државата во која живеам.
ООН, Советот на Европа, ОБСЕ, НАТО се организации на политички, а не на етнички ентитети. Ние сме членка на сиве овие организации како нација, а не како етничка група.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Тесктот е личен став на Авторката.